ЕДНО ЛИЦЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА – другото лице пренесено на Клиниката за торакална хирургија, по пукањето во „Ист гејт“
По денешното пукање во „Ист гејт мол“, едно лице е во критична состојба, а друго е пренесено на Клиниката за торакална хирургија. Информацијата за МИА ја потврди директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков.
– Двајца пациенти се примени во болницата, станува збор за две машки лица. Едниот пациент е задржан кај нас, веднаш е однесен во операциона сала поради сериозноста на повредите. Во моментов се изведува оперативен зафат кај овој пациент. Во тешка состојба е и врз него се врши оперативен зафат поради повреди во стомакот и во градната шуплина. Другиот е препратен на Клиниката за торакална хирургија. И кај едниот и кај другиот пациент се работи за прострелни рани, појасни Арсенков.
Министерството за внатрешни работи потврди дека имало пукање во овој скопски трговски центар, екипи на МВР се на терен и работат на расчистување на случајот и излезе со поконкретни информации во врска со пукањето во трговскиот центар „Ист Гејт„ во Скопје.
„На 25.08.2023 околу 15.50 ч. во СВР Скопје е добиена пријава дека во гаражите на трговски центар во Скопје едно лице кое било со патничко возило „ауди“, пукало кон Р.Т. (39) од Скопје, но не го погодило.Во возилото имало уште едно лице, повредени лица нема, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Лицето кон кое е пукано е Раде Трајковски Штекли. Пукано е од патничко возило „БМВ“ кое потоа било запалено во Грчец.
Раде Трајковски-Штекли, неофицијално се поврзуваше со убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. Тој беше екстрадиран по апсење во Србија.
За инцидентот известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.