40 години затвор за 61 годишен жител на Велес
101 година ќе има Славе Илиев од село Подлес ако ја издржи казната затвор која денеска му ја изрече велешкиот суд. 60-годишниот Илиев доби рекордни 40 години затвор за убиство и обид за убиство, кое го стори пред три месеци во своето родно село, во општина Градско. Судијката Габриела Гајдова му одреди долготрајна затворска казна, оти за делото за кое е обвинет е предвидена доживотна робија. Илиев со пиштол го застрела 42-годишниот велешанец Миле Димов, а неговиот другар Миле Воденичаров тешко го рани. Причина за убиството е тоа што Димов копал водоводен канал крај својата викендичка, а на соседот Илиев. Со кого подолго време бил во кавга, тоа не му се допаѓало. При изрекувањето на пресудата, судијката Гајдова рече дека го ценела признавањето на вина, но ги ценела и отежителните околности, под кои Илиев го извршил убиството.
Илиев денеска не беше во судница да ја слушне пресудата. Неговиот бранител Дејан Трајчевски најави жалба. Адвокатот на оштетените Душко Петров е задоволен од пресудата.
Во март годинава судијката Габриела Гајдова го осуди на речиси максиомални 18 години затвор велешанецот Ангелче Николов, кој со автомобил, пијан и без возачка, на пешачки усмрти 11 годишно девојче. Неколку месеци подоцна, скопска апелација ја намали казната на 8 години, што предизвика жестоки реакции во јавноста. Пресудата од 40 години затвор за Славе Илиев која судијката Гајдова денеска му ја изрече, не е правосилна.