Лавров: Русија ќе го почитува Договорот за житарките кога ќе бидат исполнети условите на Москва

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија ќе се врати на Договорот за извоз на украинските житарки преку Црното Море „истиот ден“ кога ќе бидат исполнети условите на Москва за извоз на сопствено жито и ѓубриво на светскиот пазар.

– Кога ќе се преземат сите неопходни активности за отстранување на пречките за нашиот извоз на жито и вештачко ѓубриво, истиот ден ќе се вратиме на колективното спроведување на украинскиот дел од иницијативата за Црното Море, посочи Лавров по Самитот на Г20 во Индија.

Во вчера усвоената декларацијата од Самитот на Г-20 се апелира на „целосна, навремена и ефикасна имплементација за да се обезбеди моментална испорака на жито, храна и ѓубриво од Русија и Украина за да се задоволи побарувачката во земјите во развој“.

Договорот за извоз на украински житарки беше потпишан под покровителство на Анкара и ОН минатото летото, а неговата цел беше да се обезбеди извоз на украинските житарки преку украинските пристаништа на Црното Море. Во јули Русија се повлече од Договорот, кој е важен за снабдувањето со храна во светот, тврдејќи дека западните санкции го блокираат пристапот на нејзините земјоделски производи и ѓубрива до меѓународните пазари. (МИА)