Mинистерот побара одземање на лиценцата на тетовскиот анестезиолог – одреден му е осумдневен притвор

Изразувам големо жалење што еден здравствен работник вака се однесувал и ќе направиме сè за во иднина да не ни се случи вакво нешто, порача министерот за здравство д-р Фатмир Меџити на денешната прес-конференција заедно со директорот на Клиничката болница во Тетово, д-р Плумб Вела, на која дадоа повеќе детали за настанок од синоќа кога доктор анестезиолог од Тетовската болница снимал пациенти и доктори, а снимката потоа бил објавена на социјалната мрежа „тик-ток“.

Ми се јави на телефон и началникот на СВР Тетово и ми кажа дека здравствениот работник е приведен и ние понатаму се ќе направиме вакви случаи да не се случат во иднина. Во координација сме со многу други институции и со лекарската комора и јас барав веднаш да му се прекине работниот однос и да се одземе лиценцата за работа на овој доктор, изјави министерот Меџити.

Директорот на Клиничка болница, Вела исто така изрази жалење за настанот и појасни дека лично го пријавил случајот во полиција откако разбрал за објавената снимка.

Тоа се случило на одделението за киретажа каде тој работел како анестезиолог. Додека вчера јас бев во Скопје видеото ми го прати еден новинар. Штом го видов видеото веднаш дојдов во Тетово и јас лично, како директор на болницата, случајот го пријавив во полицијата, бидејќи станува збор за сериозна работа. За случајот бевме во постојана комуникација со Министерството и министерот, кажа Вела.

На предлог од Обвинителството од страна на судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово определена е мерка притвор во траење од осум дена за 43-годишниот лекар – анестезиолог од тетовско Одри кој на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал.

До определување на мерката доаѓа откако Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против обвинетиот за кривични дела „несовесно работење во службата“, како и „неовластено снимање“ според чл.152 ст.2 од Кривичниот законик.

-На 15 април 2023 година судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово на В.Д.(43) од тетовско Одри му определил мерка притвор од осум дена и ќе биде спроведен во КПУ Затвор „Скопје“ за издржување на притворот, информираше СВР Тетово.