Кој е Зуљхајрат Демири, новиот директор на Македонски Железнички транспорт?

Од пред некое време МЖ Транспорт АД Скопје има нов генерален директор, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека како што влегуваат и излегуваат помалите албански партии во Влада, така им се дава местото директор на МЖ Транспорт АД.

Очигледно, велат оттаму, е дека оваа позиција е резервирана за нив, со цел нови партиски вработувања со кои се надеваат дека ќе го подигнат нивниот партиски рејтинг.

Колку што можевме да изброиме ова е 7-ми по ред директор, во изминативе 7 години. Значи секоја година претпријатието си добива нов директор. Секој од нив, освен што го задолжува претпријатието и што вработува партиски несоодветни кадри, апсолутно ништо не прави. Ете тоа е концептот на СДСМ и ДУИ за железниците во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Потсетуваат дека поради штрајк на вработените веќе 4 дена возовите не возат, а никој мува не го лази.

Ниту новиот директор излегол да објасни што се случува, ниту пак министерот Бочварски се засекирал. Се наближува 9 април јубилејот од 150 години железници во Македонија, а возови по пругите нема. Кога сме кај новиот директор Зуљхајрат Демири, трагајќи по неговата професионалната биографија која патем ја нема на официјалната веб страна на МЖ Транспорт, на социјалната мрежа фејсбук може да се најдат фотографии од 2017 год. по кои може да се заклучи дека бил ангажиран светот на угостителството, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во недостаток на информации за неговата стручна способност, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се прашуваат кое образование, кои обуки, која стручна подготовка ја завршил и со што заслужил Зуљхајрат Демири да биде директор на Македонски Железници Транспорт?

Поради ваквиот однос кон железниците во Македонија имаме целосен распад на железничкиот систем. Затоа се потребни избори и промена на оваа расипничка антимакедонска и антиевропска власт, велат од партијата.