Здружението „Цар Борис Трети“ доби НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ од Комисијата во Министерството за правда

Министерството за правда соопшти дека Комисијата за употреба на имиња на личности на денешната седница дала негативно мислење за употреба на името „Цар Борис III“ во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари од Охрид.

Заклучокот од седницата ќе се проследи до министерот за правда, кој ќе донесе конечно решение, велат од министерството.

„Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество. Се наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно беше потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рахј и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка“, пишува во образложението од Комисијата.

Пред 12 дена, Комисијата даде негативно мислење за клубот „Иван Михајлов“ во Битола, кој потоа беше избришан од Централниот регистар, а основачите не поднесоа барање за регистрација под друго име.