Според Фондот, ПОДАТОЦИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ НЕ СЕ УКРАДЕНИ

Како што ја информиравме јавноста уште од почетокот, при сајбер нападот немаше излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Тоа го потврди анализата на експертските технички тимови. Оттука, децидни сме дека, податоците на корисниците на здравствени услуги вклучително и личните податоци се безбедни и заштитени и нема неовластено преземање на личните податоци, велат од Фондот за здравствено осигурување.

Според нив податоците на граѓаните не се украдени и уверува дека здравствените и личните податоци на граѓаните се целосно безбедни.

Во моментов, како што велат оттаму, апликативните решенија/софтверот и базите на податоци се изолирани од делот на системот којшто беше предмет на напад и се финализираат сите активности за прочистување и проверка на целокупниот систем на Фондот за Здравство за да се обезбедат услови за повторно вклучување во нормален режим на работа.

Нагласуваат дека со помош на тим од локални и странски експерти се работи на рестартирање на системот со цел негово враќање во првобитната форма.

– Експертскиот тим кој работи на солуциите посочува дека не постои еден и единствен начин како се надминуваат предизвиците што ги предизвикува одреден сајбер напад, бeз разлика каков вид е истиот, и токму затоа, на домашните и странските тимови им е потребно повеќе време за надминување на штетите кои ги предизвика нападот, велат од Фондот за здравство.

Ги демантираат и наводите дека соработниците на Фондот не работеле согласно процедурите со кои се обезбедуваат податоците на Фондот.

– Сите наши соработници и сите вклучени во изнаоѓањето на солуции за предизвиците кои произлегоа од сајбер нападот, имаат долгогодишно искуство и се реномирани чинители во своите дејности и сметаме дека е неумесно да се доведува во прашање нивното знаење и експертиза и да се руши нивниот углед. Во оваа прилика, Фондот изразува благодарност за посветената работа на сите технички тимови кои работат секојдневно и посветено.

Постави одговор

Your email address will not be published.