Проф. Жежов: Гоце Делчев немал допирни точки со бугарската историја, НЕ ТРЕБА ДА ИМА ЗАЕДНИЧКО ЧЕСТВУВАЊЕ

Гоце Делчев немал никакви допирни точки во поглед на бугарската историја. Јас немам ништо против ако тие сакаат и сметаат како бугарски народ дека треба да си го празнуваат, нека си го празнуваат во Република Бугарија и нека и објаснуваат на нивната јавност зошто Гоце Делчев е важен за бугарската историја. Меѓутоа, длабоко сум убеден дека заедничко чествување не треба да има. Тоа евентуално заедничко чествување, за жал, бугарската политика сака да го искористи и да го прикаже Гоце Делчев како дел од т.н. „заедничка историја“, зашто таа „задничка историја“ тие ја третираат како бугарска историја. И поаѓајќи од тоа, сметам дека заедничко чествување не треба да има.

Ова го изјави професорот по историја на Филозофски факултет, проф.. д-р Никола Жежов.

Жежов во интервју за Република  рече дека е убеден и сака да верува дека до инциденти нема да дојде, иако од информации што доаѓаат од различни страни во ова море, во овој окан од информации, укажуваат дека е можно такво нешто да се случи.

-Поаѓајќи од тоа, јас ги повикувам сите Македонци, кои што тој ден ќе тргнат да го чествуваат роденденот на Гоце Делчев, тоа да го направат со дигнитет и со една гордост и да не подлегнуваат на било какви провокации, дециден е проф. Жежов.

За тоа дали и можно некакво решение за Гоце Делчев на претстојната февруарска средба на заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците и во кој правец би се движело тоа, проф. Жежов повторно дециден:

-Не, решение нема да има и јас повеќепати сум истакнал дека историската комисија и нејзината работа  веќе е ирелевантна и непотребна. Всушност, генезата и изворот на сите овие проблеми, што денеска ги имаме, е тој фамозен Договор потпишан на 1 август 2017 година. Таа несреќна придавка за нас Македонците за „заедничка историја“ е генератор на сите проблеми, што ги имаме сега. Македонските и бугарските историчари не можат да најдат никаква заедничка точка за заедничко чествување на Гоце Делчев., рече тој.

Жежов ја посочи и најавената декларација на бугарското собрание, што веројатно ќе се изгласа овие денови, каде во точка 7 дека стои, каде што вели, парафразирано, никој не може да се занимава со бугарската историја и минато во Република Македонија, затоа што од страна на бугарската држава ќе биде третирано како антибугарска кампања и антидржавна реторика.

– Погледнете го тој член 7 и ќе видите до каде со оваа втора декларација за кратко време оди Бугарија. Ќе ни биде забрането да зборуваме на македонски историски теми оти тие ќе бидат третирани како дел од бугарското историско минато.Зошто го потенцирам ова! Да е некоја природна ситуација како во некоја западноевропска држава, прашањето за вметнување на некоја помала етничка задница во уставот ќе биде бенигно прашање. Меѓутоа, каде се наоѓа замката овде! Мислам дека таа замка му е јасна и на послдниот неверен Тома во Македонија, затоа што евентуалното внесување на Бугарите во македонскиот Устав ќе отвори институционализирана форма за натамошно делување на бугарската пропаганда во Македонија и за „освестување“ на нови Бугари, затоа што знаеме дека тоа е инструмент на бугарската пропаганда за делување во Македонија, рече тој.

Според него Бугарите не треба да се внесат во Уставот на Република Македонија.

– Затоа што ситуацијата е и така комплицирана и тешка кога се во прашање македонско-бугарските односи и веројатно ќе се вратиме на точката или на степенот како од времето на Информбирото во 1948 година, кога била укината културната автономија на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија заради судирот на тогашна советска Русија со Југославија и каде македонското прашање било колатерална штета. Истото веројатно би ни се случило и сега, изјави Жежов.

Според него ако се продолжи во вакво темпо да им се наштетува на македонските национални интереси, не само што нема да се подобрат македонско-бугарските односи, туку за жал тие во иднина уште повеќе ќе се влошуваат.

–  Да ве потсетам дека 2023 година е јубилејна за многу историски настани. Оваа година треба да прославиме 120 години од Илинденското востание, дали мислите дека ќе нема бугарски провокации од одредени политички фактори? Сигурен сум дека ќе ги има. Оваа година на 4 мај навршуваат 120 години од убиството на Гоце Делчев, еве повторно датум каде што можат да ни с случат вакви немили настани и тензии, кои што само ќ го оддалечуваат македонскиот и бугарскиот народ уште повеќе, не по нивна вина, туку по вина на агресивната бугарска политика кон Македонија и македонското прашање, вели проф. Жежов.