Ковачки до Ковачевски: Тупанчески го заменувате со човек кој е брат на осомничен за убиство

Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Димитар Ковачевски му порача дека е слуга на Али Ахмети, па го праша, каде е смената на Бојан Маричиќ и Бујар Османи поради лошите резултати. За Ковачки несфатлива е промената на министерот за правда Никола Тупанчески, бидејќи, според пратеникот, на негово место доаѓа брат на осомничен за убиство.

„Слугата на Ахмети како и досега, е слеп послушник и не е свесен дека е донесен на премиерското место за да биде жртвуван. Тој е исплашен политичар и нема ниту еден ТВ дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија е една од државите со најголем степен на мизерија во Европа. Имаме бесперспективност“, кажа Ковачки.

Тој го праша премиерот и каде е предлогот за разрешување на Славјанка Петровска, а поради тоа што немало плати во АРМ.

„Со честото менување на коалиционите партнери, го уништивте легитимитетот на извршната власт. Зарем заслужува еден професор како Тупанчески кој уживаше делумна почит и кај опозицијата, по само година дена, да го замените со човек кој е брат на лице осомничено за убиство? Едно чудо министри за правда сменивте последните шест години. Тоа е доказ дека правдата ја гледате дневно политички и низ призмата на пазарењата“, додаде Ковачки.

Тој праша каде е смената на Бојан Маричиќ кого го нарече неспособен и Бујар Османи за кого кажа дека бидејќи единствено е способен за продажба на се што не е негово.

„Зарем министерот за здравство кој писмено барал од Владата да се купи лекот за болните од цистична фиброза, а премиерот не ја донел одлуката, ќе го менува со причина што министерот јавно проговори и ја обелодени вистината, дека директната одговорност за починатиот Благојче е кај премиерот?“, праша Ковачки.

Пратеникот го праша Ковачевски дали се срами поради тоа што во борбата со корупција, Македонија назадува.

„Таравари ќе влегуваше во Владата за Европа, а ни продава средновековна заостанатост. Ковачевски како по обичај – молчи“, додаде пратеникот.

На крајот од говорот, Ковачки му порача на Ковачевски дека денеска требало да ја поднесе неговата оставка за спас на Македонија.