Ковачевски мисли исто како и Заев, одлуките во СДСМ се носеле едногласно: Кој лаже, медиумите или премиерот?
Една година по преземањето на лидерската позиција во СДСМ, премиерот Димитар Ковачевски, се уште мака мачи да ја консолидира партијата, а според пишувањата во медиумите може и нема да стигне до тоа. Ковачевски иако се труди да прикаже единство на СДСМ, во јавноста се погласно се зборува за т.н. пеколен план на поранешниот лидер на партијата Зоран Заев кој не бил задоволен од рејтинзите на партијата и како таа се движи, но и незадоволен од бизнис одлуки.
Според пишувањата, Заев свесен за рејтингот на СДСМ кој го прикажуваат и независните и меѓународни анкети, не анкети кои ги спроведуваат агенции за СДСМ, понудил план за спас на партијата. Спасот го гледа како одржување на предвремени избори, заедничка влада со ВМРО-ДПМНЕ, без ДУИ, а премиерот да биде од победничката партија. Воедно планот на Заев предвидувал и политичка елиминација на претседателот Стево Пендаровски.
Заев се обиде на социјалните мрежи да го негира истото, но без конкретен демант. Ковачевски исто така како и Заев се обидува да ја избегне темата, но и тој без конкретен демант, само со зборови дека СДСМ носело одлуки обединето.
– Јас не сум човек кој се плаши и тоа сум го потврдил. Самиот Заев демантираше во јавноста за тие наводи и сите одлуки кои се носат во СДСМ се носат на официјалните тела на партијата и сите одлуки кои се донесени едногласно, рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Но, тоа што се зборува во јавноста е состанокот во СДСМ на кој присуствувал и Заев, на кој видно била изразена поделбата во СДСМ. Заев не само што има контрола врз клучни фигури како министрите Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски, со себе има и седум пратеници кои ги дрмааат одлуките на Ковачевски.
Затоа и Ковачевски се обидува да ги смени тројцата, кои би можеле да му откажат послушност при обидот за да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собрание.
Истава поделба може да се забележи и кај членството на СДСМ кое во јавноста и на социјалните мрежи повеќе ги величи токму овие тројца и ги прикажува како најуспешни министри, додека Ковачевски не се ни споменува, како воопшто да не постои.
Воедно, според пишувањата низ медиумите, се додека не се создадат услови за конгрес и смена на Ковачевски, Заев ќе се обиде да го промени и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, а на негово место да го постави поранешниот министер за здравство Венко Филипче кој самиот изјави дека не се откажува од политиката, а кој важи за најблизок до Заев.
Овие поделби треба да кулминираат на Централниот одбор на СДСМ. Колку и да се обидува Ковачевски да ги избегнува или негира пишувањата на медиумите, наскоро ќе се види кој лаже, тој или медиумите.