Протестите на приватните автобуски превозници продолжуваат
Приватните автобуски превозници денеска продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Tие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје. Најавија дека блокадите може да се прошират низ повеќе сообраќајни точки во Скопје.
Во текот на вчерашниот ден, преку објава на социјалните мрежи, Слобода превоз упати извинување до граѓаните на Скопје за попреченото движење низ градот.
– Слобода Превоз во име на сите приватни превозници се извинува до сите граѓани на Скопје кои денеска и се до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот. Приватните превозници бараат поддршка од сите граѓани се со цел побргу да се изнајде решение на проблемот, стои во пораката на Слобода превоз.
Директорот на Слобода превоз, Ленин Јовановски, во изјава за медиумите кажа дека блокадите на приватните превозници во Скопје продолжуваат сè додека не се седне на маса со градоначалничката Данела Арсовска и не се изнајде законски соодветно решение.
– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес, рече Јовановски.
Град Скопје и градоначалничката Арсовска вчера не излегоа со став во однос на протестите и барањата на приватните автобуски превозници.
Премиерот Димитар Ковачевски од друга страна, обвини дека хаосот што во овој период му се случува на Градот Скопје е, како што рече, само поради неспособноста и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот претседател Христијан Мицкоски.
– Граѓаните мора да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт во Скопје. Предлози, односно кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најзастапени во сите управни одбори и надзорни одбори на јавните претпријатија во Градот Скопје, вклучително и во ЈСП. И тие ја имаат одговорноста целосна за тоа што денес се случува во Скопје, рече Ковачевски на вчерашната прес-конференција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, апелираше да се седне и да се разговара со оние кои протестираат, а, како што истакна, граѓаните да не бидат заложници на политички субјекти кои се скарани
-Ги разгледуваме сите можни опции, меѓутоа освен разговор со оние кои протестираат нема друга опција, изјави вчера Спасовски, посочувајќи дека кога станува збор за протест или јавен собир доаѓа до судир на правото на слободно движење и правото на протест.