Во Кисела Вода беше одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Денеска Меѓународниот ден на лицата со попреченост беше одбележан во општина Кисела Вода. Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски во својот кабинет се сретна со деца со попреченост од училиштето „Кузман Шапкарев“, Драчево.

Покрај дружбата во Општината, Ѓорѓиевски потсети и на сѐ што е направено за нив во претходната година, меѓу другото и за сензорната соба која ја изгради и која значително им го олесна и подобри процесот на образованието.

– Нашите средби се чести и ги користиме и за дружење, но и за евидентирање на различните потреби кои овие лица ги имаат. На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, кој во својата суштина го има надминувањето на предрасудите, маргинализацијата и дискриминацијата, ќе потсетам на бројните проекти што ги реализиравме како што се пристапна рампа поставена на влезот на Општина Кисела Вода со што буквално ги отворивме вратите за лицата со посебни потреби, со книги напишани на Брајово писмо ја опремивме библиотеката на дечињата со оштетен вид од ДУРМДОВ ,,Димитар Влахов”, отворивме клуб во Расадник за деца со церебрална парализа кој целосно го финансираме, воспоставивме соработка со младинската организација „Крик” и  со наша поддршка, во просториите на УЗ Црниче е отворен дневен центар за лица со попречености, рече Ѓорѓиевски.

Тој укажа дека се реализирале и екскурзии, а воедно работеле на нивна целосна инклузија, вклучувајќи ги лицата со попречености во сите активности на локалната самоуправа од културно-уметнички карактер и во сите останати сфери каде што процениле дека би им било интересно и едуктивно.