„Над 51.000 денари изнесувала минималната синдикална кошница во октомври“
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вчера соопшти дека минималната синдикална кошница во октомври изнесувала 51.514 денари, односно за една година пораснала за 16.940 денари.
Оттаму додаваат дека синдикалната кошница е зголемена за 1.290 денари од претходниот месец септември кога изнесуваше 50.224 денари.
„Сојузот на синдикати на Македонија континуирано ја следи економската состојба во државата, а посебно од аспект на обезбедување на основни егзистенцијални права за достоинствен животен стандард на работниците и граѓаните. Како најголем и репрезентативен синдикат загрижени сме, и сметаме дека работниците и граѓаните ќе бидат доведени до тешка економска социјална положба, со зголемувањето на инфлацијата во државата. Растот на инфлацијата која од месец за месец е се поголема за месец октомври рекордно достигна до 19.8% што влијае врз намалувањето на куповната моќ на работниците и доведува до осиромашување на целокупното население“, велат од ССМ.
Според нив, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство од месец во месец, а платите не го следат истиот раст. Истовремено, од ССМ велат дека истото го покажува и самата пресметка на синдикалната минимална кошница што ССМ ја пресметува секој месец.
„Овој процент на инфлацијата за месец септември е нов аларм за синдикатите, затоа што платите не се зголемуваат но цените и натаму растат и покрај маржите. Затоа ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени како во јавниот така и во приватниот сектор“, децидни се од Сојузот на синдикати на Македонија.