Лажна дојава за бомба го поремети автобускиот сообраќај во Скопје
Поголемиот дел од автобусите беа прегледани од полицијата таму каде што застанале. Во моментов полицијата врши проверка во Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Неофицијално, еден од вработените се јавил во полиција и пријавил дека во автобусите има бомба, но потоа признал дека направил грешка.
За денеска на пладне е закажан протестот на вработените во ЈСП заради неисплатената септемвриска плата.
„Скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, претпријатието најавува дека од денеска,12 часот ќе почне со протест пред Влада сѐ до подмирување на долговите кон ЈСП“, соопшти вчера генереланиот секретар при Град Скопје, Зоран Глигоров.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска рече дека автобусите на ЈСП ќе се постават пред сите институции и ќе блокираат сообраќај, сѐ додека државата не го исплати долгот кој го има кон ЈСП.
Од Владата вчера соопштија дека немаат долг кон ЈСП – Скопје.
„Ги повикуваме локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП – Скопје подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза“, соопштија вчера од Владата.