Османи за вработувањето на Ејупи: Зошто да не, не ѝ треба ни Си-Ви!
Водителката и несудена конзулка Бесмира Ејупи е вработена во Министерството за надворешни работи (МНР), потврди денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференција. Уште повеќе тој не гледа воопшто причина зошто таа не би била вработена на почетничка функција во МНР кога е државјанин на Македонија и зошто и е потребно Си-Ви кога натаму ќе го гради во дипломатијата. Од она што го кажа потоа се виде дека е применета истата фамозна формула за полнење на администрацијата надвор од редовните процедури, односно си створил алиби за прашањата – на кој оглас е примена, под кои критериуми и зошто воопшто им била потребна во веќе превработеното МНР? Тој дури и ги покани новинарите да аплицираат за работна позиција.
Имено, Османи посочи дека Ејупи била преземена од фамозното Министерство за политички систем на Артан Груби (ако воопшти била таму), а таму од општина Петровец . Со неа биле преземени вкупно 13 соработници.
– Дел од соработниците беа преземани преку систематизацијата, односно преку К5 програмата, а дел преку директна спогодба. Точна е информацијата, но Ејупи е поставена на позиција соработник во протокол и тоа е почетна позиција во МВР. За да бидете назначени на таква позиција воопшто не ви ни треба си-ви. Такво нешто ви е потребно доколку напредувате од почетната позиција.Во моментов имаме оглас за 16 нови соработници, па кој сака да работи во дипломатијата може слободно да се пријави – рече Османи на прес-конференцијата.
На прашањето дали Ејупи сосема случајно се нашла во групата од 13 соработници кои преминале од Министерството за политички систем во Министерството за надворешни работи, Османи рече дека е сосема случајно и дека не гледа никаков проблем зошто посоченото лице не би требало да се вработи во МНР.
– Не гледам ништо спорно во процесот. Кажете ми една работа што е спорна. Во МНР работат над 450 луѓе. Секој може да се вработи доколку ги исполнува условите за тоа. Еве, и вие, новинарите, доколку сакате да се вработите на почетна позиција во МНР, слободно пријавете се на огласот. А подоцна, кога ќе почнат и за вас да прашуваат како сте се нашле таму, јас повторно ќе излезам на прес-конференција и ќе речам дека нема ништо спорно – им се обрати министерот на новинарите.
-Додека сум јас министер, додаде Османи, лицето Бесмира Ејупи нема да биде кандидат за конзул. Личноста не е кандидат за конзул, туку помлад соработник, почетничка позиција во МНР, појаснуваше Османи.
Според него, веднаш по шпекулацијата дека ќе го заземе местото конзул Ејупи била вработена во Општина Петровец, каде што градоначалникот доаѓа од опозицијата.
-Затоа не ми е јасна нивната позиција. Потоа Ејупи оди во Министерството за политички систем, па преку преземање во МНР – појасни Османи.