Почеток на учебната година со „ливчиња“ наместо со учебници
Без сведителства за завршена година, без учебници, без главни книги за наставниците, најавени реформи и промени на наставната програма, нејасна судбината на предметите историја и општество, и на крај неизвесност дали училниците за некој месец ќе можат воопшто да се загреат. Од МОН пак не попуштаат, признаваат дека има проблеми но учебната година ќе започне на први септември.
„Од први септември, исто како и минатата година ќе се соочиме со недостиг на учебници. За учениците од прво до осмо одделение и за учениците од 1 до четвртта година целосно беше стопирана дистрибуцијата на сведителства која започна сега на крајот на август. А, за да биде уште поголем проблем од оваа година се тука и додатоците на свиделства“, изјави Томислав Гиевски од Независниот синдикат на образование.
Учебниците за основните паралелки за кои се изготвени нови наставни програми се сеуште во фаза на одборување, велат од МОН. На ден пред почетокот на годината, признаваат дека можно е да доцнат и во тој случај учениците ќе учат од скрипти.
„Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение во основното образование за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување. На анонимниот конкурс дел од ракописите се избрани, но има и такви кои се со забелешки од рецензентските комиси и истите треба да претрпат одредени измени /дополнувања . Така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници“, информираат од МОН.
Но, и покрај вообичаени проблеми како што се сведителства и учебници, кои се влечат со години, годинава најголем предизвик ќе биде ударот на економската и енергетската криза. Најголемиот страв засега е како училиштата ќе најдат пари да платат за греење со оглед на фактот што и општините немаат доволно пари за себе, така што останува можноста училниците да останат ладни за некој месец. Од владата веќе кажаа дека немаат стратегија за дополнителна помош на училиштата и ќе треба сами да ги покријат од блок-дотациите кои се префрлаат на МОН. Од Министерството посочуваат дека општините и училиштата можеле да обезбедуваат и средства од други извори.
„Постои голема шанса да се соочиме со ситуација да има штедење, односно намалување на минималната топлина согласно законите и меѓународните конвенции. Дали постои ризик ? Секако постои ризик тоа се случуваше кога немало енергетска криза, а не сега кога имаме енергетска криза“, додава Гиевски.
За Реформите во образовниот процес кои се најавуваа бомбастично, но во пракса речиси и ништо не се реализира, Гиевски посочува дека дел од нив довеле и до намалување на фондот на часови и некои од наставниците завршиле како технолошки вишок, а најголема болка за наставниците е фактот што платата и на стартот на оваа учебна година нема да се пресметува по основица од законскиот минималец од 18 илјади денари, туку минималец за наставниците е 11.100 денари
Од опозициската ВМРО- ДПМНЕ, пак пред неколку дена обелоднија скандал за немање на главни книги и предупредија за можност да доцни учебната година.