Мицкоски за Канал 5: Само народот е владетел на својата држава! Народот е стопан на својата држава и тој нека одлучи!

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во централниот дневник на ТВ Канал 5 во однос на ретерирањето на изјавите за референдумското изјаснување на претседателот на државата Стево Пендаровски истакна дека воопшто не е разочаран бидејќи како што рече ставот на Пендаровски не му значи, како и дека единствено што покажал Пендаровски со ова е дека e поданик, а не државник.

„Јас би бил разочаран од став на човек чие што мислење ми значи. Имајќи во предвид дека ставот на претседателот Пендаровски мене воопшто не ми значи, не можам да кажам дека сум разочаран, едноставно само го чекав денот кога ќе го направи ова салто мортале. Го чекав тој ден кога ќе добие насока практично од државник да се претвори во послушник и ќе се врати на оригиналните позиции кои што ги имаше пред да го даде тоа интервју во еден неделен весник, кој што навистина не знам како успеал да му протне таков став. Но еве се корегираше, па да сумирам би бил разочаран од некој чии што став ми значи. Но имајќи во предвид дека неговиот став воопшто не ми значи можам да кажам дека не само што не сум разочаран, туку уште еднаш на отворена сцена пред граѓаните кажа колку погреши“, кажа Мицкоски.

Во врска со најавуваниот референдум тој изјави:

„Само народот е владетел на својата држава. Ниту Христијан, ниту Пендаровски, ниту Ковачевски, ниту Ахмети, ниту Села, ниту Касами, никој не е од нас, туку народот е стопан на својата држава и тој нека одлучи. Според Устав има два начина за распишување на референдум. Едниот е со 30 пратеници, а другиот со собирање на 150.000 потписи со дефинирано референдумско прашање преку канцелариите на Министерството за правда. Кој од двата начини ќе го одбереме ќе видиме кога ќе ги завршиме консултациите“.

На прашањето дали ќе се откажат од референдум бидејќи нема консензус од другите политички партии како и дека Димитар Ковачевски вели дека нерелевантно е барањето на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори:

„Не, нема да се откажеме. Зошто ние да се откажеме од идејата за референдум. Видете сега само на нелегитимен премиер му е нерелевантно мислењето на народот. Ако вие сте премиер кој е избран од страна на народот тогаш ќе сфатите дека мислењето на народот е неприкосновено, тоа е најрелевантно. Но, бидејќи тој е поставен таму и е нелегитимен и од тие причини тој смета и вели дека му е нерелевантно мислењето на народот.
Но, јас обратно велам, ние потекнуваме од народот, ние работиме за народот. Ние сме платени од народот и треба на тој народ најмалку што должиме да му дозволиме да се произнесе за својата иднина, за иднината на своите деца“, дециден е Мицкоски.

„Договорот се преговара на различна маса од европската. Никој не вели дека договорот не треба да се преговара. Барем ниту еден политичар во Македонија не вели дека не треба да се преговара со Бугарија. Но, проблемот е што тие преговори сега ги донесовме на заедничка маса со Европски преговори. Тоа е суштината, затоа што вие на една маса ќе преговарате за животната средина, економијата, образованието, здравството, а на друга маса ќе преговарате за средниот век, за Самоиловата држава. Ако за ова не се договорите, за бадијала вие ќе се договорите за образованието, за економијата и за животната средина, и за владеењето на правото и за се, ако вие не се договорите дека тоа што ќе го наметнат бугарските историчари е општ факт и прифатлив за вас и не ги промените учебниците“, смета тој.

На прашањето дали тој смета дека Бугарија може повторно да не блокира, Мицкоски рече апсолутно, а тоа додавајќи дека тоа го кажал и самиот Стево Пендаровски во вчерашното гостување во централниот дневник на Канал 5.

„Апсолутно. Па тоа го кажа и вчерашниот ваш гостин кој што беше тука, кој што рече дека ако не ги прифатиме нивните аргументи за историјата дека ќе добиеме вето.

Тоа што требаше да биде на маса за преговори со Бугарија го донесоа на маса за преговори со цела Европска унија. Јас сум разговарал со десетици европски политичари и погрешна е тезата дека Европа има нешто против нас. Не, нема. И јас го уверувам народот дека намерите и на евроамбасадорот и на неговиот заменик и на сите политичари кои што дојдоа тука и на Урсула Фон Дер Лајен и Мишел имаат чесни намери кон Македонија“, потенцираше Мицкоски.