Данела Арсовска до Шилегов: ГЕС, неговиот управен одбор, директор и вработени за 3 години потрошиле повеќе од милион евра пари на граѓаните без да реализираат ниту една активност!
ГЕС (Градски енергетски системи) е формирано во 2018, ново градско јавно претпријатие кое требаше да стопанисува со топловодната мрежа на градот. На тоа преземање на топловодната мрежа регулаторната комисија за енергетика не му додели лиценца.
Град Скопје уште на 14 октомври 2019 година поднесе барање за издавање лиценца за дистрибуција на топлинската енергија до Регулаторна комисија. АД ГЕС-Скопје се постави како единственото правно лице кое има востановено трајно право на користење на недвижни ствари-линиски инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура-топловоди во сопственост на Македонија, а се наоѓаат на подрачјето на Град Скопје.
Со физичко и функционално поврзување на трите топлификацискии мрежи, кои во моментов се одвоени, би се отвориле можности за вложувања во нерегулирани извори на топлинска енергија со што ќе се создаде конкуренција и дополнително намалување на цената на топлинската енергија.
Но, РКЕ даде негативен одговор на ова барање, а ГЕС поведе спор против оваа одлука. Според РКЕ голем е финансискиот ризик за државата затоа што „Балкан енерџи груп“ ја има концесијата за дистрибуција до 2023 година.
На сето ова денес посети градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која со фејсбук статус го критикуваше поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.
Таа напиша:
„Некој кој формираше претпријатие во кое 3 години вработените трошеле пари на граѓаните за високи плати не работејќи ништо, најмалку што треба да направи е да се скрие од јавноста наместо да ја истакнува својата неодговорност кон средствата на граѓаните во време на криза.
ГЕС, неговиот управен одбор, директор и вработени за 3 години потрошиле повеќе од милион евра пари на граѓаните без да реализираат ниту една активност“.