Јаулески го запали на говорница францускиот предлог, никој не победил народ, нема ниту вие
„После ова ако го изгласате ќе бидете запишани како гробарите на Македонија. Со Преспанскиот Договор го ископавте гробот а со овој т.н француски предлог сакате да го затрупате. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се отвори Уставот и истиот да се промени тоа да му биде јасно на секого. Ако отвориме Устав тоа е за да ве вметнеме вас од СДСМ како предавничка и антидржавна партија“, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески на денешната Собраниска седица.
„Кога го слушав Бујар Османи дека овој француски предлог има реципроцитет, наеднаш си помислив дека Македонците ќе бидат впишани во бугарскиот Устав, дека бугарската држава ќе ги почитува пресудите на ЕСЧП и ќе ја регистрира „Омо Илинден Пирин“ организацијата на Македонците во Бугарија, дека во таблите на културно-историските споменици во Пиринска Македонија ќе има македонски ознаки, дека ќе има санкции за говор на омраза кон Македонците, рехабилитација и репарација на Македонците од Пиринска Македонија кои се измачувани од комунистичкиот режим во Бугарија после 1948 година па се денес, дека ќе се отворат архивите на државната безбедност на Бугарија и дека ќе се лустираат сите агенти кои ги кршеле основните човекови права на Македонците, дека ќе се отворат школи во кои Македонците ќе можат да учат на мајчин јазик“, кажа Јаулески.
Јаулески потенцираше дека за жал не е така, овој договор нема никаков реципроцитет, ова е резултат на немање црвени линии, на виткање кичма и овој договор е ултиматум кој во целост ги изразува бугарските барања.
Тој потсети дека во овој законодавен дом изгласавме резолуција за утврдување на македонските државни позиции. Со вашето прифаќање на овој предлог истата ја кршите а истата е обврзувачка.
„Немој да мислите дека доколку викате помош од надвор да ни држат говор нас тука, ќе успеете да не убедите дека ова е добро. Не е дами и господа, никогаш нема да биде добро бришење на идентитетот, нашата историја и пишување нова по теркот на Софија. Никогаш нема да биде добро оспорувањето и бришењето на македонскиот јазик. Целата Европска Унија донесете ја, овој народ кои изминатите 10 дена ве поздравува ништо нема да го убеди“, посочи Јаулески.
Тој додаде дека наместо да се прифаќаат вакви понижувачки предлози вие требаше да прогласите крај на какви било разговори за историјата, јазикот и идентитетот. Со прифаќање на овој предлог никогаш нема да влеземе во ЕУ, со ставање потпис на ваков предлог тоа е невозможно и давате право на Бугарија кога сака и за што сака.
„Многу окупатори во минатото ја газеле оваа земја, многу војски се изживувале врз Македонците, Албанците, Турците , Србите и сите други народи кои живеат во Македонија, но ниту една војска и окупатор не успеал да не уништи. Ако мислите дека со овој потег ќе не направите послаби, напротив ќе бидеме уште посилни и ќе истраеме никој не победил народ, овој народ ќе живее и живее. Оваа земја опстоила и ќе опстои, Да живее Република Македонија“, заклучи Јаулески.