Поранешниот директор на „Идризово“ Реџепи трпел притисоци од Марјан Спасовски заради Боки 13
Поранешниот директор на „Идризово“ Реџеп Реџепи за „А1он“ сведочи дека трпел притисоци од директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, за да го премести Бојан Јовановски-Боки 13 во полоши услови.
Реџепи открива дека Спасовски постојано го правел тоа, но тој не подлегнал на притисоците. Јовановски го оставил да ја отслужува казната, онаму каде бил сместен кога влегол во затворот.
„Марјан Спасовски секогаш ми правеше притисок за овие две личности, Бојан Јовановски и Сеад Кочан. Тој викаше дека тоа го бара СДСМ. Моето мислење е дека тоа не е барање на СДСМ, бидејќи тој сакаше да ја постигне неговата цел. Да рекетира. Тоа му е целта на него“, кажа Реџепи за „А1он“.
Директорот на Управата за извршување на санкции Марјан Спасовски, пак, во целост ги отфрла наводите и обвинувањата на поранешниот директор на затворот Идризово, Реџеп Реџепи изнесени во порталот,, А1 он”, за наводни притисоци за преместување на Бојан Јовановски и Сеад Кочан во други полоши услови.
Спасовски бара од Реџепи јавно да се извини во рок од три дена за изнесената клевета. Во спротивно ќе ги преземе сите институционални мерки за заштита на своето достоинство и интегритет.
Ваквите изјави нема да ја поколебаат Управата за извршување на санкции да се справува против девијантните однесувања, а неселективната борба против криминалот и корупцијата во казнено поправните установи ќе продолжи и во наредниот период.