Маричиќ смета дека нема потреба од референдум, а Владата е таа која ќе иницира уставни измени со внесување на Бугарите во Уставот

Вицепремиерот Бојан Маричиќ се противи на барањето да се организира референдум за одобрување на преговарачката рамка, барање од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека 2/3 мнозинство ќе биде доволно за да се даде легитимитет на процесот. Маричиќ смета дека евентуалниот референдум би бил само за политички поени.

„Ние имаме научени лекции, се сеќавате дека опозицијата инсистираше на референдум за договорот со Грција. Тоа во 2018 година го прифати и Владата, тогаш на Заев, решивме да организираме референдум, кој што, партијата која го бараше, реши да го бојкотира. На тој начин отвори дамка, остави една сенка на процесот, иако можеше да учествува и да се затвори. Мислам дека тоа треба да ни е научена лекција. Имаме доволен капацитет и легитимитет на институциите, особено на Собранието, да дискутира, разговара, преку дијалог да дојдеме до 2/3 мнозинство, што е доволен легитимитет на уставните измени без референдум. Ова е мој личен став, Владата нема став. Мој личен став е дека од тоа нема потреба, а институциите треба да си ја преземат одговорноста, наместо да се користи евентуалниот референдум за политички поени“, кажа Маричиќ.

„Владата ќе биде таа што ќе иницира уставни измени кои и официјално се услов за комплетирање на воведната фаза, и отворање на првите поглавја од преговорите“, потврди Маричиќ.

Останува неизвесно кога точно ќе почне процедурата за внесување на Бугарите и останати заедници во Преамбулата, но според Маричиќ, тоа нема да биде пред летните одмори, а мора да заврши најдоцна до крајот на скринингот. Владата, како што кажа, ќе работи да се создаде атмосфера за разумен политички дијалог во Собранието и со сите општетсвени фактори и експерти, наместо тензии како досега, за да се дојде до потребното двотретинско мнозинство.

„Ние се уште немаме утврден календар за уставни измени, но тоа е обврска која треба да ја завршиме најдоцна до крајот на скринингот. Внимателно ќе ги разгледаме околностите, атмосферата, дијалогот во Собранието. Целта е да завршат успешно…. Секако ќе биде по летните одмори. Тогаш ќе можеме да говориме за точен календар“, изјави Маричиќ.

Процесот на скринингот, кој денеска го објаснуваше вицепремиерот, официјално почнува во септември, а треба да заврши до ноември следната година година, согласно временската рамка од ЕК. Тој ги претстави шесте кластери на преговарачки поглавја и појасни за секоја од нив какви се нашите обврски и начинот за нивно усвојување.