Стоилковски: За три месеци, Македонија загубила 214.514 работоспособни луѓе

Почитувани,

Или државната статистика лаже заради несовесно работење или за неполна година од Македонија се иселиле, избегале 220.000 луѓе?

Според извештајот за пазар на трудот, активно население, за првото тромесечие 2022 година, на која што има табела за вкупно работоспособно население, за четвртиот квартал минатата година, октомври – ноември – декември, запишани се 1.681.863 работоспособни во Македонија. За првиот квартал годинава, јануари – февруари – март, запишани се 1.467.349 луѓе!

Тоа значи дека за неполна половина година, односно три месеци, Македонија загубила точно 214.514 работоспособни луѓе! Работна сила!

Според статистика – од активно население, последниот квартал лани имало 937.482 лица коишто се водат за активни, односно 795.276 вработени. Веќе до март годинава, 811.197 активни, од коишто 691.498 вработени. Или 103.778 помалку вработени! Но, не расте бројот на невработените. Од 142.206 невработени до крајот на 2021 година, веќе до април има 119.699. Или 22.507 помалку. Вкупно 126.285 вработени или невработени, како што ги посочуваат „активно население“!

Да сумирам, за само три месеци, еден квартал, според статистика Македонија загубила, од неа избегале 214.514 работоспособни луѓе. Од нив 103.778 напуштиле работа. 22.507 коишто барале работа, како и 88.229 работоспособни луѓе коишто немале работа, а според СДСМ и ДУИ не барале работа!

Ова почитувани е загуба за само три месеци, ова е загуба со СДСМ и ДУИ. Ова е погром, ова е насилно прогонување, егзодус, на работоспособно население.

Ова е резултат на политичката манипулација само и само за гола власт, резултат на партизација, на криминалот, на корупцијата од власта. Додека СДСМ и ДУИ слават, над 214 илјади избегале од државата пред се заради економски причини! Ова е јасен показател за економската катастрофа и лагите од СДСМ и ДУИ, лагите за блескање, економски раст и лагите намалување на невработеноста.

Почитувани, премногу е! Придружете се на протест за промени, 18-ти јуни, во 20 часот пред Владата!