Пратениците од власта го оправдаа однесувањето на Џафери: Со пцости им се обраќа на вработените, но нема ни да се расправа за пријавата

Со пет гласа „против“ и четири „за“ денеска на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања не беше прифатен предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се расправа за пријавата за повреда на Етичкиот кодекс од страна на пратеникот Талат Џафери, претседател на Собранието.

Откако птретседателот на Комисијата Панчо Минов го прочита предлог дневниот ред петмина пратеници од власта гласаа против дневниот ред, додека четворица членови на опозицијата беа да се расправа за предлогот. Минов констатира дека не е прифатен дневниот ред и ја затвори седницата.

Пријавата беше поднесена од пратениците Дафина Стојаноска, Антонијо Милошоски, Ели Панова, Рашела Мизрахи, Александар Николоски, Дајанчо Ефтимов, Александар Велјановски, Бети Стаменкоска Трајкоска, Зоран Коцевски, Драган Ковачки, Тони Јаревски, Лидија Петкоска, Бојан Стојаноски, Велика Стојкова Серафимовска, Даниела Христова, Иванка Василевска, Благица Ласовска и Љупчо Пренџов откако во јавноста беше објавена снимка на која се слуша Џафери како со висок тон и пцости се обраќа кон вработени во собраниските служби.

Собранискиот спикер Џафери на последниот брифинг со новинарите рече не чувствува одговорност да се извини на собраниските службеници кон кои се обратил со погрдни зборови. Тој не смета дека го прекршил Етичкиот кодекс и вели дека за ова прашање има процедура која тече во телата на Собранието. 

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека од денеска собранискиот Етичкиот кодекс не постои и оти со гласањето „против“ дневниот ред на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања пратениците од СДСМ го оправдале однесувањето на претседателот на Собранието Талат Џафери и односот кон администрацијата кој што го слушна целата македонска јавност.

Ова што денеска го доживеа администрацијата и на денот кога се случи, тоа што се направи со заклучувањето на пратениците е нешто што се случува во секоја институција во целата држава, секој ден. Омаловажувањата, понижувањата, мобингот, непочитувањето е нешто што на дневна основа го доживуваат сите граѓани на државата, без разлика на верска, етничка или која било припадност. Вака функционира двоецот, СДСМ и ДУИ, рече Мицевски.