Поскапа струја за дури 130% за најголемите потрошувачи, РКЕ ги утврди блоковите, новата цена ќе се знае во среда
130% поскапа струја ќе плаќаат најголемите трошаџии од 1-ву јули, дознава Сител од извори вклучени во креирање на тарифите.
РКЕ денеска ги објави конечните блок тарифи според кои ќе се наплаќа потрошувачката на струја. Границите беа проширени за да им се олесни на домаќинствата кои се греат на електрична енергија, истакна претседателот на Регулаторна.
Според новите рамки, првиот блок ќе ги опфаќа потрошувачите до 210 киловат часа, вториот до 630, третиот до 1050, и четвртиот за потрошувачите над 1050 киловат часа.
Потрошувачите од првите три блока треба да добијат пониски сметки од 12 до 15%.
Зимно време, пак, околу 98 посто од домаќинствата ќе бидат во третиот блок, но ова би се случило само по актуелните цени, без пресметка на најавеното покачување.
Цените од блоковите ќе важат само за време на скапата тарифа. Евтината тарифа ќе биде еднакво висока за сите. Периодот на пресметка, пак, ќе остане 30 дена.
Нов изглед од следниот месец ќе имаат и сметките за струја каде точно ќе биде наведено која е цената на струјата и колкава е цената за користење на мрежата.
На ова регираа од ЕВН Хоум. Сметаат дека поради различните суми може да дојде до забуна кај потрошувачите.
Новата цена на струјата ќе се знае во среда. Таа ќе зависи од тоа колкаво покачување на цената ќе побара ЕВН Хоум, откако ЕСМ понуди цена од 48 eвра за мегават час, а МЕПСО и електродистрибуција побараа зголемување од 60 до 80 отсто.