Стоилковски:Спасовски не смее повеќе да се крие, мора да има одговорност за криењето на фактите за пукањето во Чаир

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани, мина уште еден тажен и срамен ден за Македоднија со МВР под Оливер Спасовски. Ден во молк и ден во криење на одговори и факти, дали Ариф Асани, втор човек во БЈБ е оној во сината кошула на видеото  кој што го ослободува пукачот кон полицијата во Чаир? Измина уште еден ден без одговори и одговорност од Оливер Спасовски и МВР заради молк и сокривање на криминогени дејства, пукање, лажни извештаи, криење на видео снимка како доказ, учество на функционер во БЈБ од ДУИ во ослободување на лице приведено по пукање.

Полицијата е претворена во сервис на СДСМ за заштита на мафијата и криминалот. Само и само за гола власт, со Оливер Спасовски и СДСМ на чело на МВР, криминалци со врски во ДУИ вадат пиштоли и пукаат кон униформирани полицајци по контрола на автомобил на којшто има, внимавајте, таканаречени полициски флешери. Само и само за гола власт, Оливер Спасовски и СДСМ ја ставаат полицијата и МВР во подредена ситуација пред криминалот.

Оливер Спасовски и СДСМ мислат дека ако молчат, вистината нема да излезе на виделина. Така беше со дрогата во Прилеп, така беше со пасошите за мафијашите, така беше со убиството на ракометарот. Така молчат и сега. За Оливер Спасовски и СДСМ, системот Сејф Сити го има и постои само за набавка на софтвери и за политички притисок врз неистомисленици.

Почитувани, Оливер Спасовски е должен да одговори за видео снимката на социјалните медиуми, да одговори за вмешаноста на заменик директорот на БЈБ во случајот, да одговори дали за пукачот цела година имало документ за апсење заради одлежување затворска казна, да одговори дали и доколку е така зошто полицискиот извештај не се совпаѓа со снимениот настан?

Спасовски не смее повеќе да се крие, мора да има одговорност за криењето на фактите за пукањето во Чаир.

Почитувани премногу е. Со Спасовски и СДСМ полицијата стана срам за државата, само и само за гола власт на СДСМ. Полицијата со Спасовски и СДСМ е ставена во служба на мафијата само и само за гола власт. Наместо гарант за безбедност, полицијата стана гарант за криминогени дејства, само и само за гола власт на СДСМ.