Се чини дека Путин повторно се фокусира на регионот Донбас

Donbas - Wikipedia

Рускиот напад врз украинската престолнина Киев, можеби засега е намален, но борбите сè уште беснеат во регионот Донбас во источна Украина, а сè укажува на тоа дека тој ќе стане фокус на војната во наредните недели.

Во четвртокот, американскиот претседател Џо Бајден му рече на рускиот лидер Владимир Путин дека „засега нема јасен доказ дека тој ги повлекува сите свои сили од Киев. Има и докази дека ги засилува своите трупи во областа на Донбас“.

А подоцна истиот ден, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди граѓаните за тешки времиња на истокот, велејќи дека во „Донбас, Мариупол, во насока на Харков, руските трупи акумулираат потенцијал за удари. Моќни удари. Ќе се браниме“.

„Ситуацијата во јужниот правец и во Донбас останува исклучително тешка“, додаде Зеленски. Тоа беше втор пат во 24 часа тој да предупреди за проширување на руската офанзива во Донбас.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така, очекува Донбас да стане клучен. „Русија се обидува да се прегрупира, да се надополни и да ја зајакне својата офанзива во регионот на Донбас“, рече тој во четвртокот.

Анализата на она што се случува на теренот во источна Украина го поддржува овој став, при што руските оклопи и артилерија ги интензивираат своите напади, а уште повеќе украински цивили бегаат на запад. Руската офанзива се изведува истовремено во неколку правци.

Кога Путин ја објави инвазијата на 24 февруари, тој тврдеше дека целта на таканаречената „специјална воена операција“ на Русија е ослободување на Донбас од неонацистите и заштита на неговиот народ од наводниот „геноцид“ од страна на украинските власти.

Руската кампања оттогаш беше збир на операции што вклучуваа офанзива на теренот и огромни разурнувачки ракетен и артилериски оган, а нејзините крајни цели сè уште е тешко да се проценат. Но, фокусот на руските воени напори – и реториката – неодамна се префрли на југот и на истокот на Украина.