Милошоски: Насилничкото и неделовничкото однесување и водење на Комисијата за политички систем од страна на претседателката Мираковска продолжува со прекршување на Уставот, законите и Деловникот

Насилничкото и неделовничкото однесување и водење на Комисијата за политички систем од страна на претседателката Мираковска, но и од страна на владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ продолжува со прекршување на Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Гледаме дека претседателката Мираковска инсистира на тоа дека дневниот ред е усвоен и дека точката за расправа е отворена иако се сведоци сме дека на минатата седница тоа не се случи.

Зошто? Затоа што претседателката на Комисијата Мираковска најдобро знае дека пред било какво изјаснување за дневниот ред мора да праша, формално, дали некој од пратениците, членови или заменици членови на Комисијата, има предлог измени или дополнувања на дневниот ред, нешто што таа не го направи.

Ваквиот пропуст, дали е од незнаење или под притисок на владејачкото мнозинство е нејзин проблем, но доколку продолжи на овој начин да се однесува и да ја води седницата на Комисијата, најавуваме дека како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во текот на денешниот ден ќе поднесеме иницијатива за интерпелација за работата на претседателката Соња Мираковска и таа да биде разрешена од позицијата претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Бидејќи Собранието сепак има правила и процедури, тоа е законодавен дом, избрани пратеници од граѓаните и не може самоволието или притисокот кој го прават СДСМ и ДУИ врз пратеничката Соња Мираковска да биде поважен од Деловникот и од законите. Ако не е спремна да ги почитува Деловникот и законите, тогаш треба да биде спремна за интерпелација која што денес ја најавуваме доколку продолжи со вакво прекршување на Деловникот на Собранието на Република Македонија.