Почнува да врие: На 7 април излегуваат на штрајк приватните лекари, на 11 образование и наука, на 14 вработените во Пошта
Почнува да расте незадоволството кај вработените во сите сфери на живеење во Република Македонија.
Приватните лекари на Денот на здравството 7 април ќе излезат на протест за да искажат револт што не им е решен ниту еден од бројните проблемите кои ги имаат. Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ) одлучи протестот да се одржи во 12 часот пред Министерството за здравство, на кој покрај докторите ќе протестираат и медицинските сестри.
„Се сменија многу министри, многу Влади, но никој не направи ништо за опстанокот на примарното здравство. Не се покачени буџетите за матичните лекари, ниту за специјалисти и лаборатории. Имаме енормни зголемувања, покачена е минимална плата, цената на индустриската струја отиде високо. Капитациониот бод мора да се зголеми“ – вели д-р Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на ЗПЛМ.
Откако Владата ги одби барањата на СОНК, се поизвесно е дека на 11 април ќе штрајкуваат и вработените во образование и наука, и покрај заканите од
Министерката за труд и соијална политика дека децата во градинките не смеат да останат незгрижени, не водејќи сметка дека на вработените од овој сектор сеуште им се пресметува платата по претходната минимална плата и дека со покачувањето на минималната плата некои од вработените се изедначија со платите, а имаат различен коефициент на сложеност на работното место.
На 14 април и вработените во „Пошта’ најавија генерален штрајк заради неисполнување на нивното барање за покачување на платите во ова претпријатие во износ од 3.000 денари, односно скалесто покачување на платите според законот за минимална плата.