Зеленски: Украина на референдум ќе гласа за компромиси со Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека Украинците ќе мора да гласаат на референдум за сите компромиси постигнати со Русија за прекин на војната.

„Луѓето ќе мора да се изјаснат и да одговорат на овој или оној облик на компромис. А какви ќе бидат тие – компромисите – е тема на нашите разговори и разбирање меѓу Украина и Русија“, рече тој во интервју за телевизијата Суспилне, пренесе Танјуг за Ројтерс.

Прашањата што би можеле да бидат покренати на референдумот би можеле да се однесуваат на териториите окупирани од руските сили, вклучително и Крим, или безбедносните гаранции што ѝ ги нудат на Украина земјите наместо членството во НАТО, посочи Зеленски.