Јовчески: Прилеп за овие 100 дена доби нов детски парк, се асфалтираа улици, а ќе се пушти и нова автобуска приградска линија до населените места – Лагово, Беровци, Алинци, Тополчани, Ерековци, Канатларци и Подмол
„Да се биде градоначалник на сограѓани од кои извираат идеи, конкретни решенија на проблеми и проекти кои значително ќе ги подобрат условите за живот во Прилеп, не е само предизвик, туку претставува и голема одговорност затоа што имаме иста и заедничка цел, а тоа е просперитет и напредок во сите области на нашиот град. Мојата првична цел беше да се согледа состојбата во локалната самоуправа за да утврдиме со какви можности располагаме со цел остварување на ветеното во првите 100 дена“, истакна градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески на денешниот регионален отчет насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
Јовчески укажа дека кога ја презел локалната власт, на општината вкупните обврски, во кои спаѓаат тековните обврски, долгорочните обврски и обврските по договори за јавни набавки претставуваа висок износ од 292.562.164,00 денари или околу 5 милиони евра. Односно тековните обврски изнесуваа 32.196.697,00 денари, долгорочни обврски изнесуваа 112.415.339,00 денари и превземените обврски по јавни набавки се 147.950.128,00 денари.
„Почнувајќи од 01.01.2022 година воведовме и еднократна финансиска помош за секое новоредно дете во општина Прилеп, нешто што досега не се случило и претставува нов проект и голема помош за сите прилепчани. Преку субвенционирање на семејствата со доделување на еднократна парична помош од 6.000 денари материјално ќе се помогне во покривање на дел од првичните трошоци на семесјтвата за обезбедување на соодветни услови за новородените деца, исто така ќе влијае и на поттикнување на наталитетот а со тоа и зголемување на природниот прираст во нашата општина. За реализација на Програмата во Буџетот на Општината за 2022 година се предвидени средства во висина од 3.600.000,00 денари“, појасни Јовчески.
Јовчески додаде дека досега се изведени 3.040 метри од новиот цевковод. Вкупно проектот изнесува 3.840 метри. Со градежните работи односно доизработка на 213 метри ќе се продолжи од 10-ти февруари, а ќе се завршат до крајот на месец февруари, за кои што има обезбедено финансиски средства. Во понатамошниот период останува ЈКП „Водовод и канализација“ во соработка со Општина Прилеп да ги заврши преостанатите 587 метри.
„Најголемо внимание ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, во координација со локалната самоуправа, посвети на чистење на дивите депонии. И покрај тоа што временските услови не ни овозможија непречена работа, сепак успеавме да исчистиме над 1.200 м3 мешан комунален отпад и градежен шут од многу локации низ градот и околните викенд населби каде што долго време не било исчистено и реагирано по однос на овој проблем. Изградивме нов детски парк на јавна површина во кругот на градската болница во Прилеп. Детскиот парк се изгради на барање на жителите од овој дел на градот затоа што немаат вакво катче во близина, а со оглед на тоа што во тој реон нема друга слободна јавна површина, одлучено е паркот да се изгради во кругот на болницата. Паркот е со површина од 200м2, и содржи детски реквизити за забава, клупи за одмор и релаксација, и со оградена површина заради безбедност“, истакна Јовчески.
Јовчески посочи дека во делот на патната инфраструктура се започна со асфалтирање на улиците кои не беа асфалтирани. Во месец ноември и декември беа асфалтирани 4 улици со вкупна должина од 950 метри.
„За прв пат од постоењето, јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање се наоѓа во фаза на пуштање на приградска линија на автобускиот градски превоз за превоз на патници до населените места: Лагово, Беровци, Алинци, Тополчани, Ерековци, Канатларци и Подмол. Добиена е согласност од Советот за трасата на движење, се чека на наредна седница потврдување на ценовникот за патниците“, нагласи Јовчески.
Јовчески укажа дека во следниве неколку месеци интензивно се започнува со реализација на повеќе клучни проекти за Прилеп и за сите сограѓани со кои што ќе се најават промените кои што ќе следат.
- Реконструкција на Плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ на потегот од споменикот.
- „Пеце Атанасоски“ до ООУ„Кочо Рацин“ со површина од 2.800 м2 која треба да започне во втората половина на месец март.
- Kомплетна реконструкција на влезот на градот во правец Крушево – Прилеп, односно улица „Леце Котески” која покрај постоечките сообраќајни ленти опфаќа и дополнителни пешачки и велосипедски патеки со предвидена должина од 2.130 метри.
- Вградување на завршен слој на асфалт на улиците во индустриска зона „Металец“.
- Изградба на катна гаража помеѓу зградата на Поштата и Општинската зграда со капацитет од 76 возила.
- Изградба на монтажна катна гаража со капацитет од 74 возила, на ул. Илка Присаѓанка.
- Партерно уредување со паркови и зеленила во населба Точила околу К-зградите каде што жителите од оваа населба ќе можат да се рекреираат.
- Изградба на голем парк до црквата Св.Петка во населбата Точила
- Доизградба на детската градинка во населба Точила со капацитет од 250 деца.
„Овие 100 денa се нормално само почеток. Континуитетот на работа ќе го продолжиме и засилиме со реализација на сите проекти кои што ги ветивме пред прилепчани: инфраструктурни, локален економски развој, животна средина, комунална и водоводна мрежа, земјоделие, образование, спорт, култура како и во делот на социјална и здравствена заштита. Во сите овие сфери имаме детално разработени и остварливи проекти кои што плански и етапно заедно со граѓаните ќе ги реализираме во текот на мојот мандат“, потенцира Јовчески.