Данела Арсовска поднесе отчет за првите 82 дена работа

„За овие 82 дена успеавме да исчистиме над 150 диви депонии, покрај мапираните 120 кои беа детектирани за време на кампањата. За прв пат по децении во Скопје се спроведe акција за чистење на дивите депонии каде се согоруваше опасен отпад, што претставуваше извор на загадување на воздухот, почвите и подземните води со што директно влијае на квалитетот на живот на граѓаните.

За да им овозможиме увид на граѓаните креиравме наменски линк со мапираните диви депонии, а воедно и отпочнавме со постапување по пријави за нивно чистење. Оваа акција спроведена од Град Скопје на чистење на диви депонии е најмасовната акција од овој тип која била спроведена некогаш во Македонија.

На дел од површините каде се исчистени диви депонии планирани се нови зелени површини, а градот започна и со зачестени контроли на редовен и вонреден неселективен инспекциски надзор и воспоставување на системски решенија, со што секое физичко или правно лице кое загадува и со тоа директно влијае врз загадување на воздухот, почвата и подземните води со фрлање и согорување на опасен отпад и шут, ќе биде казнето со високи глоби.

За прв пат неселективно се изрекуваат драконски казни за загрозување на животот и здравјето на граѓаните. Градот Скопје со стратегија за превенција, започнува со имплементација на системско решение кое опфаќа фото документирање на загадувачите, работа во смени на инспекторатот со цел санкционирање на сторителите, снимање со дрон со цел детекција на депонии и обиди за нивно палење, но и активен систем за пријави од граѓани со цел итна реакција за превенција на загадувачите и нивно неселективно казнување“, истакна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска