108 години од поделбата на Македонија

Македонија пред и по Договорот во Букурешт

На денешен ден во 1913 година е потпишан Букурешкиот договор меѓу завојуваните страни во Втората балканска војна Србија, Црна Гора, Романија и Грција од една страна и Бугарија од друга страна.

Со овој договор, Македонија била поделена:

Егејскиот дел, со површина од 34.356 км2 го окупирала Грција, Вардарскиот дел со површина од 25.342 км2 го окупирала Србија, Пиринскиот дел со 6.798 км2 ја окупирала Бугарија и Јужниот брег од Охридското езеро – Мала Преспа со 1.115 км2 и биле доделени на Албанија.

Претставниците на Македонската колонија во Петроград – Гаврил Константинович, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале Меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија и на амбасадорите на големите сили во Лондон.

Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на какво било чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија ја оставиле да ја решат завојуваните балкански држави.