Прес конференција на Христијан Мицкоски

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ

Пренесуваме дел од денешната прес конференција на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:

„Состојбата на терен е пресложена и пресериозна. Делови од Македонија се зафатени од сериозна огнена стихија, а народот е оставен сам на себе да се спасува кој како може, умее и знае. Системот целосно потфрли“, истакна Мицкоски.

„Власта уште еднаш покажа во пракса дека Македонија не е на сите луѓе. Никој веќе не бара одговори, туку бара одговорност. Сакам да испратам апел за целосна мобилизација на се што може да се мобилизира од институции, ресурси и човечки потенцијал и заеднички да се спротиставиме на огнениот пустош“.

„Четири дена ВМРО-ДПМНЕ е во целосна мобилизација. Сите раководства на општинските комитети ширум државата се на терен, Унијата на млади Сили, Унијата на жени, ветераните и сите останати му помагаат на народот, што со физичка сила, што со хуманитарни акции. ВМРО-ДПМНЕ од ова одлучи да не прави дневен ПР, никаков маркетинг, затоа што сакавме и сакаме искрено да помогнеме.

Така и ќе продолжиме. Ќе не има насекаде и ќе помагаме, затоа што народот знае дека ема никогаш да го оставиме сам кога веќе тоа го направи владата.

Апелирам да се формира централно кризно тело, а не ова што го има сега државата. Знам дека од Владата ќе одговорат дека веќе има такво, но тоа е далеку под просечно се справува со кризата. Колку животи и имоти треба да се уништат за да владата се уозбили и наместо циркузанти кои кршат керамиди со оваа деликатна работа да се зафатат стручни луѓе и тим од професионалци. Мора да се ангажираат најдобрите експерти и да се искористат најдобрите човечки потенцијали.

Повикувам во најкус можен рок и Собранието да заседава на посебна собраниска седница каде ќе се разгледува точка со информација за последните случувања со пожарите во Македонија. Мора јавно да се изнесат слабостите за да се најдат решенијата.

Сакам да одговорам на измислиците и учтиво кажано невистините кои провладините платеници ги шират. Истите тие ја обвинуваат опозицијата дека политизирала и дека сме се обидувале политички да профитираме па дури и ме нарекоа мене пироман, додуша политички. Згрозен сум од нивото на речникот што се користи од директните владини платеници но и тие кои се индиректни владини платеници, циркузанти и изманици кои имаат задача да го одвлечат вниманието на народот од вистинските проблеми.

ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија, а вистинската улога на опозицијата е кога институциите не реагираат и никој со прст не мрда, да алармираме и колку може да помогнеме, а доколку грижата за луѓето и нивниот крваво заработен имот е политизирање, тогаш нека биде така, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде со народот“, изјави Христијан Мицкоски.

„Ќе обезбедиме во рамките на нашите можности намирници и вода за народот. Повикувам тоа да го направат и сите други општествено одговорни субјекти. Ќе повторам ги повикувам сите општествено одговорни во државата да помогнат на народот, а ВМРО-ДПМНЕ остануваме со народот. Не можеме да направиме чуда, но заедно ќе ја добиеме и оваа битка.

Со подадена рака, со споделена мака, заедно ќе бидеме уште посилни“.