Заев и талибанскиот суд
На својата Фејсбук фан страна денес се огласи Никола Груевски, поранешниот Премиер на Република Македонија во врска со монтираните судски процеси против него и „талибанското правосудство во Македонија кое целосно го контролира за случаите кои му се важни и кое обвинува и осудува по негова нарачка“.
Неговиот статус го пренесуваме во целост:
„Заев ќе прифаќа бегалци од Авганистан за да се спасат од талибанците и талибанскиот суд, а создаде по талибанско правосудство во Македонија кое целосно го контролира за случаите кои му се важни и кое обвинува и осудува по негова нарачка. Ако кај талибаците е доволно да те осудат затоа што си бил нивни противник, не е ништо поразлично и во Македонија по доаѓањето на Заев и СДСМ на власт. Не им требаат ни реални докази, ни реални сведоци, ни сторено кривично дело. Откога ќе падне наредбата од промоторот на концептот “живи луѓе има да јадеме кога ќе дојдеме на власт”, сѐ се фабрикува, потоа сите се прават глуви и слепи, секој во системот гледа да не настрада и се тече по издадената наредба.
Така беше и така е со повеќе десетици осудени во предметите од 27. Април, на кои, за да им дадат високи затворски казни, им дадоа, односно им измислија лажна квалификација за терористичко загрозување на уставниот поредок, која предвидува такво нешто независно што таа квалификација не соодветствува со реалноста, но кога власта односно првиот нејзин човек решил така тогаш тоа слепо се извршува. Се спроведува по секоја цена. Така повеќе десетици политички затвореници лежат во затвор со целосно измислена квалификација.
Така е и со другите политички предмети, тргнувајќи од случајот “Тенк” (блиндираното возило на чија набавка “сум влијаел за да остварам корист”, а користа била ништо друго туку што неколку пати “ме превезувале со тоа возило”) каде е изречена пресуда без елементарни докази дека е прекршен Законот и во една постапка за која и талибанците “можат да позавидат”.
Така е и со обвинението за случајот со протестите во општината Центар каде во отсуство на материјален или законски прибавен доказ, главните сведоци беа советниците во општина Центар од партијата СДСМ кои оркестрирано посведочија дека иако не сум бил таму тие го почувствувале “мојот дух” на протестите (да, ова сериозно го кажаа повеќето од нив). Тоа им создало чувство на страв и несигурност и иако никој не бил повреден или удрен, тоа беше доволно за квалификација насилство и негово поттикнување. Претпоставувам многумина неупатени мислат дека ова е некаква моја шега, ама не е. Реалност е.
Така беше и со политичкиот прогон кон Сеад Кочан чија главна вина беше што имаше телевизија која не ги подржуваше политиките на СДСМ, а не тендерот за ископ кој го добил и сработил, за кој со цел не само да го затворат туку и да го банкротираат му го натоварија не само профитот, туку целиот приход од истиот, иако најголем дел од тој приход завршил како трошок за изведување на работите. И да не ги редам сите случаи, валидни докази за прекрасен закон немаше во ниту еден друг предмет за кој водат или завршиле постапки. Има само оркестрирана медиумска пропаганда на контролираните од нив медиуми, т.н. “аналитичари и експерти” и стратегијата дека стопати повторена лага станува вистина.
Елементарни докази нема, ниту пак може да има за оној случај кој неодамна го започнаа каде ме обвинуваат дека сум купил и продал земја и дека сум купил два помали станови, кои всушност ги изнајмував, а за што имам и склучен договор за закуп. Ниту сум купил и платил, ниту сум продал нешто од ова, но судење пред изборите мора да има, а ќе се потрудат од септември да биде на неколку дена за да биде алатка во изборниот процес за локалните избори. Сосема случајно, судот ќе направи таков распоред и до локалните избори ќе лечат комплекси со мене и другите обвинети.
Талибанскиот начин на судење се виде уште денес според она што го видов од медиумите, кога адвокатот по службена должност, кој самиот суд го избрал и назначил да биде дел од постапката им пуштил преставка во судот укажувајќи дека незаконски е да водат судско рочиште за кое претходно обвинетиот не е сослушан за предметот и нема дадено изјава во обвинителството пред да му биде пуштено обвинение за тој предмет за кој сакаат да го обвинат.
Им укажал дека обвинителите постапиле спротивно на закон и направиле злоупотреба на службената должност што судијата на претходна постапка го известиле дека имало таква активност, а немало, па денес се правдале дека станува збор за техничка грешка, чија последица ќе биде да има, наместо да нема судење, но очигледно судот кој е под невиден притисок и е заробен од еден човек во владата, ниту денес немал простор и храброст да прифати дека се работи спротивно на закон.
Па така, целосно противзаконски започнаа судска процедура за предмет во кој ниту јас ниту било кој од обвинетите немаат сторено никакво кривично дело, предмет во кој немаат ниту финансиски вештачење, предмет кој планираат да го завршат со 2-3 силно уценети сведоци од нивна страна, без ниту еден материјален доказ дека нешто сум купил, платил, продал и наплатил или дека од некаде сум прибавил пари за такво нешто, ниту пак реално можат да го имаат бидејќи такво нешто не постои. Оттука само по себе се наметнува прашањето чиј одговор го знаат сите: што е разликата од македонското до талибанското правосудство?
Видов во медиумите и дека нервозни од ситуацијата, крајно невообичаено и сомнително почнале да ги менуваат службено од нив назначените адвокати, па така денес како што известија медиумите се појавил дури трет по ред назначен од државата адвокат, бидејќи очигледно првите два не им подлегнале да станат дел од оваа валкана игра, а прашање е дали воопшто некој адвокат ќе им се нафати и ќе подлегне да биде дел од овој монтиран случај, бидејќи адвокатите се искусни и знаат дека независно на исходот и пресудата, прашање на време е само кога овој политички процес изрежиран во владините канцеларии ќе биде демонтиран и ќе се бара одговорност на секој кој бил дел од него. Во Авганистан по 20 години дојдоа на власт талибаците и нивните судови кои судат по нивни правила и нарачки.
Во Македонија петта година имаме талибаско правосудство под контрола на Зоран Заев во кое неподобните судии се разрешуваат со образложение дека се прави некаков ветинг. И премиер, и министри, и лажни и уценети сведоци, кој мислат дека вечно ќе биде вака како што е сега. Дека ние ќе бидеме толку многу години осудени и уништени, што тие вечно ќе се мирни, спокојни и среќни.Нема да биде така“!!!