Сеќавање на Љуботенски бачила

Осумтемина загинати бранители

На денешен ден 2001 година, околу 8 часот наутро, кај месноста Љуботенски Бачила на околу 5 km од селото, камион на АРМ полн со муниција налетува на две нагазни мини поставени на патот. Во експлозијата гинат 8 војници од резервниот состав на АРМ.Веднаш по нападот почнува неколкучасовна престрелка меѓу ОНА и втората чета на Третиот баталјон, од каде што се и загинатите војници. Во текот на престрелката е извршен воздушен напад врз формацијата на ОНА со хеликоптери „ми-24“ и тие се повлекуваат.

Во меѓувреме, во знак на одмазда е гранатирано селото Љуботен и во тој напад загинуваат двајца цивили. Истиот ден во вечерните часови во селото Љубанци пристигнува полициската единица на Јохан Тарчуловски и врши извидување на Љуботен. Наредниот ден, е релативно мирен, со исклучок на два помали напада од АРМ и МВР. Утрото меѓу 8 и 10 часот единиците на АРМ отвораат оган кон селото од малокалибарско оружје, додека попладнето околу 18 часот полициската единица испукува неколку ракети.

Во неделата, 12 август, околу 8 часот наутро, почнува нападот врз селото изведен од полициската единица што ја командува Тарчуловски. Нападот е поддржан од армиските единици на Третиот баталјон, кои го гранатираат селото со расположивите артилериски орудија. Во тој момент во Љуботен се наоѓаат меѓу 10 и 15 лесновооружени припадници на ОНА. Полициската акција за чистење на селото трае околу 6 часа и во неа гинат шест жители на селото, а околу 14 куќи се запалени. Од гранатирањето се уништени уште седум куќи. Во меѓувреме, околу 11 часот, единиците на ОНА од местото Бел Камен, кое се наоѓа на околу 4 km од селото, отвораат минофрлачки оган врз армиските позиции за да го заштитат повлекувањето на нивните борци од селото. Истовремено контингент со околу 60 припадници на ОНА, преку Никуштак, доаѓа пред Љуботен и се обидува да ги заобиколи армиските позиции и да влезе во селото. Меѓутоа тие се пресретнати од армиските единици и нападнати кај месноста Раштански Поток и потоа се повлекуваат. Околу 17 часот сите акции се запрени.

Случајот Љуботенски бачила не е сосема расветлен. Освен шпекулациите дека поставувач на мината е групата на Џавит Асани, командант во ОНА, не е утврдено кој ја направил заседата. Асани моментално е во затвор во Косово поради друго кривично дело.

Вечна слава на загинатите бранители!

Постави одговор

Your email address will not be published.