Денеска е значаен празник- овој светец лекувал само со силата на волјата
За чудотворните моќи на Свети Евмениј од Крит не се слушнало само во Грција туку и во Рим, каде редовно одел да лекува. Свети Евмениј, епископ Гортински спаѓа меѓу најзначајните православни светци поради своите чуда кои ги направил во лекувањето луѓе.
Од младоста сесрдно одеше по Христа, ослободувајќи се од двете големи бремиња: од бремето на богатството и од бремето на телото. Од првото бреме се ослободи раздавајќи го сиот свој имот на ништите и на сиромасите, а од другото со голем пост. И така се исцели прво себеси, па потоа почна и на другите да им дава исцеление. Бестрастен и исполнет со благодат на Светиот Дух, Евмениј заблесна со светлина што не може да се скрие. Па како што е напишано дека не може да се сокрие град на врв планина (Матеј 5, 14) така не можеше и Свети Евмениј да се скрие од светот. Како епископ тој управуваше со стадото Христово како добар пастир. Им беше татко на сираците, богатство на ништите, утеха на нажалените, исцелител на болните и прекрасен чудотворец. Со молитвата вршеше бројни чуда: исцелуваше болни, и тоа не само во своето место туку и во Рим и Тиваида. Во Тиваида со молитва испроси дожд од Бога во време на суша; и таму најпосле го заврши својот земен живот и се пресели во вечните живеалишта на својот Господ. Живееше и дејствуваше во 7. век.
Светата маченичка Аријадна
Во градот Промиса во Фригија во времето на царот Адријан живееше еден поседник Тертил, незнабожец. Девицата Аријадна беше христијанка. Тертил приреди големо жртвопринесување на идолите, на кое благочестивата Аријадна не отиде туку остана дома молејќи Му се на вистинскиот Бог. Нејзиниот господар се разгневи на неа заради ова и почна да ја присилува да се одрече од Христа и да им се поклони на идолите. Но, бидејќи Аријадна одби да го направи тоа, тој ја изнамачи бидејќи ја и на разни други начини, па ја остави во затвор. Потоа ја пушти од затворот, но ја избрка од дома. Набрзо се премисли што ја пушти, па испрати слуги да ја фатат и да ја вратат. Аријадна веќе се беше оддалечила од градот. Кога ги виде гонителите, таа му се помоли на Бога при една голема карпа и карпата се отвори и ја прими Аријадна.