Платформата на Царовска како Владата, климава и на стаклени нозе

Владата имаше неколку месеци за подготовка на онлајн платформа за учење, но тоа не го стори, а сега очекува за 15 дена да се обучат 275.000 корисници. Јасно е дека онлајн наставната платформа има огромен број на недостатоци и е недостапна за над 40.000 ученици, после два дена неуспеси со логирањата, како и паѓање на системот на кој се најавиле само 88.000 корисници, истата е климава и ќе претставува сериозно нарушување на образовниот систем.

ШЕСТ ПРАЗНИ МЕСЕЦИ

Владата имаше шест месеци за да ја подготви платформата, како и да се предвидат сите можни сценарија со истата. Министерството за образование требаше да има во предвид дека за да се тера онлајн настава, прво потребно е навистина спремно софтверско решение кое може да издржи неколку стотици илјади корисници во исто време. Но, владата не ја анализираше состојбата, туку само ја одложи учебната година за еден месец и иако имаа шест месеци за да се воочат сите недостатоци, таа тоа не го направи веројатно затоа што се чекаше да се види кој ќе биде следен министер, а и „нужната неопходност“ од одмор на идните министри, чие несериозно однесување го става сега во прашање образовниот процес.

ФАЛИЧНА ОНЛАЈН ПЛАТФОРМА

На само 15-тина дена пред почнувањето на учебната година, министерката за образование Мила Царовска одлучува да направи таканаречена „Национална“ платформа, но видовме дека образовен процес на туркање со несоодветни решенија и обучен кадар не бидува.

Ако Царовска работеше системски и како што треба, експерите со кои што се советувала за платформата, требало да ја информираат дека на ваквите софтверски онлајн решенија им е потребно многу повеќе од 15 дена, со подготовка на сите заинтересирани страни како учениците, наставниците, локалните администратори.

Поради техничките спецификации на платформата, за истата е потребно лап топ или компјутер кој не е постар од три години, а ако се земе во предвид дека 40.000 деца немаат уред на кој би ја следеле наставата, како и дополнителната потрошувачка на родителите кои сега треба да купуваат лаптопи, кои не само што ги нема по продавниците, туку и нивната цена сега е двојно поскапа.

Министерството со лансирање, т.е не тестирање на платформата порано, резултира со неподготвени наставници, неподготвени ученици, нервозни родители, а министерството за образование бара од училиштата да бидат спремни и да покажат резултати.

Соодветно решение нема сеуште за оние деца чии родители не можат да си дозволат нов компјутер или нивните комјутери не се доволно добри за оваа платформа.

НИШТО И ОД ПРОБНИТЕ ЧАСОВИ

Денеска по втор пат не издржа пробниот час на платформата на Царовска, која се чини е осудена на пропаст, како што е и учебната година.

Вчера не можеше да се реализира пробен час со основците, а камо ли 250.000 ученици и 25.000 наставници, да ја користат одеднаш секојдневно во тек на цела учебна година. Наставниците исто како и вчера во големи проблеми држеа родителски часови, со праќање на насоки по вибер.