На секое дете ќе му се мери температура, маските ќе се вадат само за оброк
Министерството за образование и наука во соработка и со поддршка на УНИЦЕФ И УСАИД, изработи видео во кое на јасен и едноставен начин се прикажани протоколите на кои треба да се придржуваат учениците, наставниците и родителите, со враќањето на децата во училниците од први октомври годинава. Видеото е веќе достапно на официјалните ФБ профили на МОН, на министерката за образование и наука Мила Царовска, како и на ФБ профилите на УНИЦЕФ и УСАИД.
Оваа учебна година е поразлична од другите, бидејќи наставата ќе се одвива под посебни услови, но доколку сите се придржуваме до пропишаните протоколи лесно ќе се заштитиме од ширењето на вирусот.
Придржувањето на протоколите ќе биде особено важно за децата на помала возраст од прво до трето одделение коишто ќе следат настава со физичко присуство, затоа е многу значајно на едноставен начин, чекор по чекор да им објасниме како ќе изгледа еден училиштен ден, соопшти Министерството за образование и наука.
Тоа потсетува дека според протоколите на секое дете ќе му се мери температура при влез во училиштето. Децата ќе треба да држат растојание од најмалку 1,5 метар и за време на целиот престој во училиштето ќе носат маски на лицето освен за време на оброкот и активностите на отворено.
Според протоколот е предвидено и почесто миење на рацете и почесто проветрување на училниците. Заштитата од ширењето на ковид-19 е заедничка одговорност на родителите, наставниците, учениците и на останатиот персонал, односно на сите нас. Само со придржување на протоколите сите заеднички ќе допринесеме да се заштитиме себе, нашите најблиски и целото јавно здравје, се вели во соопштението.