Легендата на Барселона, Чави Ернандез ја отфрли можноста да се врати во тимот како тренер и рече дека сега не е време да го стори тоа.
Чави, кој во моментов го води катарски Ал Сад, во јануари одби понуда од Каталонците, но напролет сакаше да го предводи својот омилен клуб. Сега, сепак, поранешниот шпански интернационалец направи уште еден пресврт од 180 степени и повторно ја отфрли можноста.
– Има многу врева надвор од клубот, многу проблеми се надвор од теренот и не мислам дека сега е добро време да се вратам на „Ноу Камп“. Во јануари, му кажав на раководството на клубот дека сега не е време да се вратам и никој повеќе не ме бараше. Би било привилегија за мене да ја водам Барселона еден ден, но засега сум среќен што можам да добијам искуство како тренер, изјави тој за списанието „Ајкон“.
Чави го повика раководството да го направи она што е потребно за да може Лионел Меси повторно да потпише договор.
– На Меси му треба Барса и на Барса и треба Меси. Тие треба да го направат среќен затоа што среќниот Меси освојува трофеи. Физички, тактички и технички тој е неверојатен и продолжува да биде најдобриот играч на секој натпревар што го игра, објасни неговиот поранешен соиграч. (МИА)