На скопјанец му пропаднале 7 милиони евра во Еуростандард банка
Скопјанец имал заштеда од над 7 милиони евра на сметка во Еуростандард банка, неофицијално дознава 24 инфо од извори од банката. Човекот избезумено ја примил веста дента кога Народна банка ја објави информацијата за пропаѓањето на банката и со денови чекал пред седиштето на истата.
Дури ни обезбедувањето не можело да го тргне од таму бидејќи барал одговори за тоа како може да пропадне банката, а со тоа и неговиот влог. Драма се случувала кога дознал дека од Фондот за осигурување на депозити ќе добие само 30.000 евра, а за останатата сума може да достави барање да му биде исплатена од стечајната маса се разбира ако има пари.
Од Народна банка велат дека немат информација за тоа колкава е највисоката заштеда на поединци во банката. Од таму објаснуваат дека депозитите на физички лица (резиденти и нерезиденти) во „Еуростандард банка“ АД Скопје се осигурени согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити.
-Осигурениот износ е до 30.000 евра по физичко лице- депонент. Обесштетувањето на овие лица ќе се врши со исплата на средства од страна на Фондот за осигурување на депозити (ФОД) и ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Предмет на обесштетување се денарските и девизните депозити, средства на трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички, девизните приливи и сертификатите за депозити издадени од „Еуростандард банка“ АД Скопје- објаснуваат од НБРМ.
За обесштетувањето, нема потреба од дополнително барање / пријавување на побарувањата од страна на депонентите-физички лица. Депозитите се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка во Банката. Обесштетувањето се исплатува во денари, при што депозитите вложени во девизи се обесштетуваат според средниот курс на Народната банка на 12 август 2020 година, кога е донесено Решението за укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Пред започнување со исплата на обесштетувањето, ФОД преку соопштение до медиумите ќе ги известат депонентите-физички лица за: датумот на почеток на исплата на обесштетувањето на депозитите, за банката-исплатувач / банките-исплатувачи преку која/кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето и за начинот на подигнување на потврдите за сопственост на депозитите.
-Депонентите-физички лица коишто имаат депозити во „Еуростандард банка“ АД Скопје повисоки од 30.000 евра, во рамки на обесштетувањето од страна на ФОД ќе им бидат исплатени средства до 30.000 евра во денарска противвредност, по лице. Своето право за целосно намирување до висина на вкупниот депозит (разликата меѓу вкупниот износ на депозитот и пресметаниот износ на обесштетување) ќе може да го остварат од стечајната маса на „Еуростандард банка“ АД Скопје. За ова нема потреба од дополнително барање / пријавување на побарувањата од страна на депонентите-физички лица- велат во Народна банка.
Што се однесува на плаќањето на рати на лицата кои имат земено кредити од Еуростандард банка засега ништо не се знае како ќе оди плаќањето.
-Начинот на измирување на обврските по основ на кредити, клиентите ќе го регулираат со стечајниот управник, којшто навремено ќе сподели информации со нив- велат во НБРМ.