На денешен ден во 1922 тргна првото вовче кон Охрид, а тоа е вовчето Ќирчо кое се наоѓа во Кичево
На денешен ден во далечната 1922 година беше пуштена во сообраќај теснолиниската железничка пруга од Ѓорче Петров во Скопје до Охрид и струшкото село Ташмаруништа.
За жителите на овој дел од државата, оваа пруга, а особено вовчето „Ќиро“ будат убави спомени.
Како живи, неизбришливи слики од некој филм ги „гледаме“ и ги „чувствуваме“ и ние со секоја измината педа на зазеленетите падини на Буковик планина, чиј највисок врв Тепе (1.528 метри) гордо се извишува. Планината половина век ги чува спомените на легендарното вовче „Ќиро“ од неговото последно патување, во мај 1966 година. Во народот познато уште и како „Ќирчо“, „Пампурче“, „Чајничето“… Популарното„чудо“ од вовче оттука секојдневно забревтано „грабело“ на патот Гостивар-Кичево-Охрид, во должина од 228, 5 километри, и обратно.
Кружело токму тука, околу гостиварското село Горна Ѓоновица и нејзината околина. На 765 метри надморска височина. Најмалку два часа. Зошто вовчето се движело со брзина од осум до девет километри на час. Патниците, знаејќи го тоа, особено кога „Ќиро“ доаѓал откај Охрид, слегувале на станицата „Ѓоновица“ над селото, и врвеле низ него. Буквално, имало време за се`. За починка, за освежување, да се касне нешто, да се посетат, ако се имаат, роднините и пријателите, да се склучат нови пријателства…И, пак, навреме да се „фати“ возот „Ќиро“ на другата железничка станица, под самото село! Наречена „Ѕвезда“.
Кажуваат, станицата името го добила според истоименото „Ѕвездино Кале“ или „Ѓоновичко Кале“, утврдување, чии остатоци и денес можат да се видат, а за кое народот верува дека го има изградено Ѕвезда, сестрата на Крали Марко. Со цел да го брани овдешниот премин од три страни: по долината на Лакавица, Падишка река и Ѓоновичка, односно Симњичка река, како уште е позната. Археолошки локалитет, познат и како Каја, кој всушност претставува утврдена населба од римско време и од средниот век. Се наоѓа на патот за селото Србиново, на левиот брег на реката Лакавица, на висок рид со зарамнето плато, каде се гледаат остатоци од фортификација и делови од една кула чии бедеми се зачувани, на места високи и до пет метри. Калето имало функција да ја штити комуникацијата Македонски Брод-Кичево. А, „Ѕвезда“, пак, е арехелошки локалитет, утврдена населба од железно време, од доцната антика и средновековието, што се наоѓа во самото село Горна Ѓоновица.
Оние што ја паметат теснолинејката, пруга со шини од 60 сантиметри, или потесни од стандардните, и притоа имале можност да патуваат со вовчето, раскажуваат, му требале 12 часа да стигне од Гостивар до Кичево, а до Охрид дури едно деноноќие. Или, ако се` било во ред, точно 19 часа и 20 минути. Знаело да се случи и некој вагон и да „излета“ од тесните шини, па со лостовите, што задолжително се носеле, да се врати назад и безбедно да се продолжи патот. Локомотивата, велат, „гладта“ ја заситувала со дрва и ќумур, а зимно време, кога дувало од сите страни, во секое купе баботеле ќумбињата – пампурници. По нив и било завикано „Пампурче“. Да не биде подолу од било кој друг тогашен воз, имал и прва и втора класа. Поевтината карта нудела патување на дрвени клупи, а поскапата „комфорно“ на истите тие клупи, само преоблечени со чоја.
Народот сакал и патувал со славниот „Ќиро“. За некои, веројатно, тоа било можност за исклучителна авантура, вистинско патешествие и, секако долгочасовно уживање во убавините на природата и пределите што се минувале. Но, за повеќето луѓе тој бил нужна потреба и извор на единствена егзистенција. Се` до 1966 година, кога му пресудиле: „Ќиро“, секоја чест, чесно си ја врши работата и навистина добро служи, но мора да замине во пензија!