Димитриеска Кочоска – Дали се одложуваше пропаѓањето на Еуростандард Банка со цел за да може одредени правни и физички лица да ги извлечат навреме парите од банката?
Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција истакна дека има директно признание од Зоран Заев дека бил информиран за лошите состојби во Еуростандард банка уште пред една година.
-Дилемата е зошто токму сега пропаѓа банката за која се чини дека целокупниот државен апарат и одредени бизнис кругови блиски до власта биле информирани. Легитимно прашање е зошто се брзаше со избори и веднаш потоа се затвори банката, дали е поради тоа што се чекаше одредени блиски компании до власта да излезат од банката и да ги спасат своите средства, а со тоа да го забрзаат и нејзиното пропаѓање. Наспроти ажурноста на одредени компании целокупниот финансиски државен апарат затаил. Јавното обвинителство, финансиската полиција, агенцијата за финансиско разузнавање, комисијата за хартии од вредност не дале никаков сигнал за лошите текови во банката, истакна на денешната прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ
Таа вели дека како што Заев призна дека бил информиран за состојбите тоа го прави и главно одговорен затоа што државниот апарат затаил.
-Преку 20 милиони евра ќе останат проневерени и неисплатени, а од 100 илјади блокирани сметки, само 10 проценти од лицата имаат отворено сметки во други банки. Што значи дека околу 90 илјади граѓани ќе останат без своите пари следниот месец. ВМРО-ДПМНЕ бара итен одговор од државата, воедно бараме да се обештетат сите физички лица во износ до 100 илјади евра влогови и правни лица до 50 илјади евра. Директно државата да помогне во надминување на оваа финансиска катастрофа. Имаме афера каде се измамени 100 илјади граѓани кои имале сметки. Затоа државата мора да понесе одговорност, нагласи Димитриеска Кочоска.