Во Крушево почнуваат чествувањата за Илинден и за 117-годишнината од Илинденското востание
Крушево денеска на Гумење ги почнува чествувањата за Големиот Илинден и за 117-годишнината од Илинденското востание.
Од 19 часот на Гумење е свеченото кревање на знамето на Крушевската Република, а потоа пред Македониумот е обраќањето за почетокот на чествувањата на градоначалникот на Крушево и претседател на Научно – културните средби „10 дена Крушевска Република“, Томе Христоски.
Во чест на големиот Илинден ќе им се оддаде почит и ќе се посетат спомен обележјата на Питу Гули на Гумење каде е неговото вечно почивалиште, на Партизанските гробишта на Гумење, на гробот на Тоше Проески, во криптата на комплексот Илинден и на спомен обележјето на Веле Марков.
Вечер е импровизираниот напад на градот и испукувањето од крушевското топче во чест на Илинден и 117-годишнината од Илинденското востание.
Утре на 2 август – Илинден, главното чествување е на Мечкин камен, а претходно почит ќе им биде оддадена на претседателот на Крушевската Република – Никола Карев пред неговиот гроб во Македониумот, на загинатите на месноста Слива во крвавата битка за одбрана на населението во Крушево и на споменикот на Илинденците на Мечкин Камен каде е централното чествување.
Годинава домаќини на чествувањето се Крушево и Собранието на Република Македонија.