Засега мандатите остануваат исти, партиите имаат право на тужби до Управниот суд за отфрлените приговори на ДИК
На тричасовна седница, едногласно, членовите на Државната изборна комисија синоќа ги отфрли сите 2.142 приговори поднесени од политичките партии за предвремените Парламентарни избори. Оценка на членовите на ДИК беше дека приговорите се без докази, а најголем дел од оние што беа поднесени од Левица немаа ниту потпис од овластен претставник.
За барањата за рачно броење на избирачките ливчиња, членовите на ДИК кажаа дека децении наназад тие се бројат рачно и јавно се покажуваат пред членовите на избирачките одбори, а дополнително потецираа дека по повеќепати се проверени записниците од сите 3.480 избирачки места и 80-те општински изборни коимисии каде нема забелешки за основите на приговорите.
Откако партиите ќе ги примат решенијата за одлуките на ДИК имаат 24 часа да достават тужба до Управниот суд, кој пак по нејзиниот прием има 60 часа да одлучува.
За 1.478 приговори од вкупно 1.982 поднесени од Левица, членовите на Комисијата утврдија дека тие немале потпис од овластениот претставник и немаат печат од подносителот на листата, додека за другите 504 потенцираа дека не се поткрепени со докази и текстот во образложението е ист за сите овие приговори. За приговорите на АА и на Алтернативата, исто така беше оценето дека не се поткрепени со докази, како и на Демократи, на СДУ, на Интегра, МОРО Работничка партија и на ВМРО-ДПМНЕ. Во приговорите се бараше рачно броење на избирачките ливчиња, увид во избирачкиот материјал, како и во неважечките ливчиња.
Засега резултатите и мандатите од предвремените Парламентарни избори, кои се одржаа во мошне специфични услови, поради пандемијата со Ковид-19, остануваат онака како што првично беа објавени – Коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ и други 44, Демократската унија за интеграција (ДУИ) 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски на синоќешната седница истакна дека овие две години, Комисијата покажала дека работи врз основа на почитување на законите и дека тоа нема да се промени во ниту еден случај, па ниту во овој случај.
-Ние како ДИК пред нас имаме Изборен законик, имаме Упатство за решавање по приговори. Како ДИК извршивме проверка на целокупниот изборен материја, записници 16 и 21 од сите општински изборни комисии. Во ниеден записник немаше ставено забелешки по причините кои се наведени во приговорите. Одговорно тврдам дека ДИК си ја заврши работа како што треба согласно Уставот и законите. Истовремено ги поздравувам сите кои на Фејсбук и на останатите социјални мрежи мислат спротивно од мене дека можат да продолжат да мислат така, меѓутоа јас одговорно ви кажувам дека нема ниту еден единствен пат да работам спротивно на законите на оваа држава, рече Деркоски.
Вољата на граѓаните, според него, е искажана на изборниот ден, и секој си има право да гласа по сопствено убедување.
-Она што беше приказ на резултатот, тоа ДИК го утврди, го констатира и го објави. Техничките проблеми кои се појавија во текот на објавувањето на резултатите никогаш не влијаат на утврдувањето на резултатите, ниту влијаеле. Броењето на резултатите – не треба да се правиме дека сега првпрат воочуваме дека броиме резултати рачно на секое избирачко место. Тоа го правиме наназад децении, потенцираше претседателот на ДИК на седницата.
Никој не треба да се сомнева во процесот, тврди тој, додавајќи дека на избирачките места има 35.000 членови на изборната администрација, но и десетици набљудувачи. Според него, изборната администрација, избирачките одбори, вклучувајќи ги и посебните, и општинските изборни комисии беспрекорно си ја завршиле својата работа што било посочено и во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, иако овој процес поради ситуацијата со Ковид-19 се случуваше во тешки и коплексни услови за негова организација.
-Ќе им се заблагодарам за соработката и на политичките субјекти затоа што имавме навистина мирни, фер избори на коишто на крајот од денот секој доби онолку гласови колку што одлучиле граѓаните да добие, оцени Деркоски.
Десеттите парламентарни избори во Македонија, петти предвремени се одржаа во специфични услови и барања за почитување на мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Се гласаше три дена и тоа во понеделникот, вторникот и средата, а право на глас имаа еден милион 814 илјади и 263 гласачи. Своето право на глас го искористија 943.750 гласачи.