Денеска е Света Недела, овие работи никако не смее да ги правите
Света Недела (името е превод на грчкото Кириакиа) се роди во Мала Азија и живееше за време на царувањето на Диоклецијан. Се роди како дете измолено од Бога, бидејќи нејзините родители Дорортеј и Евсевија долго време немаа деца.
Кога порасна се разви во убава девојка, а телесната убавина ја дополни со убавината на душата што ја беше стекнала преку постојан внатрешен, невидлив подвиг.
Нејзината убавина привлекуваше многу просители, но таа одбиваше да се врзе со некој друг освен со Христос. Еден од одбиените просители, откако во себе ги разбуди злите мисли, ги поткажа пред властите света Недела и нејзините родители како христијани.
Сите беа изведени на суд, мачени и најпосле погубени. Тоа се случи во 289 година во Никомидија.
Празникот на светата маченица Недела се паѓа во летниот период, во време на жетвата и другите полски работи. Во некои краишта, како на пр. во Дебарца, Охридско) празникот се вика Стара Недела, се смета за мајка на неделите и поради тоа за најтежок празник, се верува дека Божјата казна ќе го стигне секој што ќе работи на овој ден.
Очигледно е дека неделата како ден во седмицата, но и светата маченица Недела оставиле трага во животот на нашиот народ. Поголем број цркви во Македонија се посветени на светата маченица Недела, но и многу извори со лековити води, исто така се поврзани со името на оваа светица (Неделечка вода).