Две години од смртта на Оливер Драгојевиќ – Семејството, музиката и морето беа неговата најголема љубов

Нема човек кој не ги сакал и знаел неговите песни, а кога Оливер Драгојевиќ на 29 јули 2018 година на 71 година ја загуби битката со карциномот на белите дробови, плачеше Хрватска, но и Балканот.

Годинава се одбележуваат две години без големиот музичар, легендата на хрватската музичка сцена.

Оливер се прослави во 1995 година со песната „Галеб и јас“  на Сплитскиот фестивал, а потоа ги полнеше салите ширум светот. Во неговите хитови меѓу кои се „Bez tebe”, “Dobar dan”, “Cesarica” и “Trag u beskraju” уживаа многу луѓе, песни кои и денес се пеат.

Тој зад себе ги остави сопругата Весна со која беше 44 години во брак, а со која ги има синовите Дино, Давор и Дамир и пет внуци. Речиси два месеци по неговата смрт се роди неговиот шести внук Марко, кој името го доби по таткото на Оливер. Весна, сопругата на Оливер, во една прилика изјавила дека нејзиниот маж им забранил на синовите на децата да им го дадат неговото име. Таа открила дека оваа година го добила седмото внуче.

Семејството по неговата смрт истакнуваше дека тој бил голем оптимист и верувал дека ќе ја победи болеста. Никогаш не се откажал и бил послушен пациент полн со верба за ново подобро утре. Оливер често пати ја истакнувал и својата љубов кон морето во своите интервјуа, а беше погребан во родната Вела Лука.

Од Сплит каде живееше беше испратен од голем број луѓе, а неговото тело пловеше за последен пат на брод до вечното почивалиште, придружуван од огромен број бродови и чамци кои на големиот музичар му одадоа последна почит.