Мицевски: Поднесовме барање до Џафери за свикување на седница на Комисија за прашања и избори и именувања и веднаш да се изберат уставни судии
Денес, како пратеници од повеќе политички партии во Собранието на Република Македонија започнуваме постапка и поднесуваме барање до претседателот на Собранието за свикување на седница на Комисијата за прашања и изборите и именувањата.
Имено, врз основа на член 120 став (2) од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, ние како пратеници бараме да се закаже второто продолжение на 13-тата седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Ова барање го поднесуваме со потписи на седум од вкупно 13 членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Оваа наша иницијатива за закажување на седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја поднесуваме до претседателот на Собранието на Република Македонија поради тоа што досегашниот претседател на Комисијата беше избран за Градоначалник на локалните избори во октомври 2021 година и оттогаш работата на оваа Комисија е закочена.
Бидејќи владејачкото мнозинство постојано ја обвинува опозицијата за блокада на работата на Собранието, а од друга страна повеќе месеци не назначува нов претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ние согласно членот 120 став 2 од Деловникот, ја превземаме оваа иницијатива со цел откочување и продолжување со работа на оваа Комисија. Ова е шансата на власта да покаже дали има искрена намера за откочување на работата на оваа Комисија или само напразно ја обвинува опозицијата.
Како одговорни пратеници, водејќи се од итноста, потребата и барањето од Уставниот суд на Република Македонија, ние предлагаме да се свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата веднаш и уште во текот на утрешниот ден да се одржи седницата и да се изберат уставните судии на Уставниот суд на Република Македонија.
Нашата цел е ефикасност и подобрување на правосудниот систем во целост, и токму затоа бараме и ги повикуваме колегите пратеници од мнозинството да го поддржат ова наше барање и час поскоро да се одржи оваа седница и конечно по повеќемесечно чекање да се изберат уставните судии.