Меѓународен ден на сеќавање на холокаустот

Со резолуција на Генералното собрание на Обединети нации, 27 јануари е востановен Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од холокаустот.

На 27 јануари 1945 година Црвената армија на Советскиот Сојуз пристигна во Аушвиц. Тие наидоа на неколку илјади останати затвореници во кампот, кој беше делумно разурнат од Германците кои се повлекуваа. Преживеаните и материјалните докази укажуваа на масовните убиства кои се одвивале во Аушвиц.

Околу 90 отсто од жртвите во најголемиот концентрациски логор на Третиот Рајх беа Евреи. Холокаустот беше систематски прогон и убивање на Евреите, Ромите, Словените,… спонзориран од нацистичкиот режим во Германија преку спроведување на идеологија дека Германците се супериорни, а другите народи се инфериорна раса и нивниот живот не е вреден. Адолф Хитлер го нарекуваше обидот за нивно елиминирање „конечно решение“.

Во Аушвиц и во другите логори на смртта беа развивани посебни техники за убивање, од гасни комори до смртоносни експерименти на луѓе.

Со резолуција на Генералното собрание на Обединети нации донесена во ноември 2005 година 27 јануари е востановен Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од холокаустот.

Дваесет и седми јануари е одреден како ден кога во 1945 година ослободен е Аушвиц-Биркенау, најозогласениот логор на смртта во Европа. Одбележувањето на Денот е со цел да се реафирмираат човековите права, превенција и казнување на злосторствата на геноцидот, како и да се укаже на постојано присутната опасност од расна, национална и верска омраза засновани на предрасуди.

Во Втрата светска војна, покрај другите загинаа над шест милиони Евреи. Меѓу жртвите на холокаустот беа и 7.200 македонски Евреи. На 11 март 1943 година, 98 проценти од Евреите во Македонија се собрани во скопскиот Монопол, најголемиот број од Битола, Штип и Скопје и испратени во концентарцискиот логор Треблинка каде се убиени во гасни комори.