Од утре продолжува печатењето и издавањето лични карти
Владата денеска ја одржа редовната 100-та седница со единствена точка на дневен ред на која беше разгледана Информација за надминување на актуелната состојба во врска со издавање на обрасците на новите лични карти.
Соодветно на информацијата, Владата го задолжи Министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците со што се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека подзаконскиот пропис ќе биде објавен уште во текот на денешниот ден во „Службен весник“, и со тоа ќе се овозможи веднаш да започне печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните поднесени барања.