Ристо Никовски: 20 години срам од Рамковниот договор

Вечерва во емисијата на ТВ Канал 5 „Жешко политичко лето“, гостуваше Ристо Никовски, поранешен дипломат и амбасадор, редовен колумнист во дневниот печат во Македонија. Познат е по своите ставови, јавни настапи и согледувања за спорот и зачувувањето на името на Македонија.

Запрашан за мислење за Рамковниот договор, по повод денешната прослава од неговото потпишување, тој рече дека со него Македонија изгуби.

„Рамковниот договор е асиметричен договор, кога ќе се прочита убаво, ќе се види што сè Македонија изгуби и ден денешен губи. Сè се движи кон федерализација на Македонија“, изјави тој.

„Кризата се прелеа од Косово во 1999 кај нас во 2001, американците апсолутно владеат со овие тритории, тие дури и ја бомбардираа Србија, целта беше да се прекинат воените дејствија и да се постигне договор со кој ќе им се дадат права само на Албанците. Мораа Американците да дејствуваат така, бидејќи ќе дојдеше до интервенција од страна на Русија“, дообјасни тој.

Според него, тргајќи го на страна непојавувањето на прославата на опозицијата, и македонската и албанската, двајцата живи потписници на овој договор, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, не се појавиле најверојатно од срам, бидејќи 20 години подоцна јасно се гледаат штетите од овој договор.